Листата „Студентите победуваат“ освои 140 од вкупно 250 мандати во Народното собрание на Србија, а листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“ 103 мандати. Меѓу другото, програмата на студентското движење предвидува формирање специјална полиција што ќе гони корупција, проверка на тендерите, лустрација, подобрување на добрососедските односи, но не и членство на Србија во ЕУ како цел
Студентското движење кое произлезе од протестите по смртта на 16 луѓе при падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад ќе ја крои новата политика на Србија и ќе го трасира патот на државата. Студентската листа на кандидати за пратеници на вонредните парламентарни избори одржани во неделата освои најмногу гласови, победувајќи ги и Александар Вучиќ, кој на чело на државата како премиер или претседател помина девет и пол години, но и анкетите, кои до последен момент покажуваа речиси изедначени сили.
Врз основа на 96 проценти од обработениот примерок, листата „Студентите победуваат“ освои 52,9 проценти од гласовите, односно 140 од вкупно 250 мандати во Народното собрание на Србија. Листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“ освои 38,8 проценти од гласовите и 103 мандати. Во парламентот, свои претставници треба да имаат уште четири малцински листи – Сојузот на војводинските Унгарци со три, Албанската коалиција со два и листите „Расим Љајиќ – Људски“ и „СДА Санџак – Чувари на Санџак“ со по еден мандат.
Вучиќ веднаш го призна поразот и најави дека ќе биде силна опозиција, по што на плоштадите во Белград и во другите градови цела ноќ еуфорично се славеше победата на студентите. Но, по непроспиената ноќ, на ред доаѓа прашањето кој сè ќе седи на пратеничките столчиња и какви ветувања ќе треба да исполни новата власт, која според најдолгата варијанта, треба да се конституира за 30 дена. Новоизбраните пратеници од студентската листа имаат доволно мнозинство самите да решаваат речиси за сè, со исклучок на одлуките кои се носат со двотретинско мнозинство, како на пример, промени во Уставот, за што им недостасуваат дваесетина мандати. Новото Народно собрание ќе вклучи голем број познати јавни личности од светот на спортот, културата, науката и забавата.
Студентската листа ја предводи Илија Срдановиќ, познат новосадски кардиолог, а меѓу познатите кандидати за пратеници се и Дејан Бодирога, кошаркарски репрезентативец и претседател на Евролигата, Михаил Дудаш, поранешен успешен десетбоец, освојувач на европски бронзен медал, Жељко Хубач, драматург, Татјана Петровиќ Ропрет, каратистка, Јово Бакиќ, истакнат социолог и универзитетски професор, Радомир Саичиќ, академик и научник. Високо на списокот на можни пратеници е и Дејан Шошкиќ, поранешен гувернер на Народната банка на Србија, кој сепак, може да не влезе во парламентот, зашто се смета за најсериозен кандидат за премиер.
И коалиција „Александар Вучиќ – Единствена Србија“ може да се пофали со познати личности кои ќе седат на пратеничко столче. Меѓу нив се Жељко Ребрача, поранешен кошаркарски шампион, кој и досега беше пратеник, потоа познатата актерка Лидија Вукиќевиќ, која исто така беше пратеничка, како и Сања Џајиќ, ќерка на фудбалската легенда Драган Џајиќ.
Но, што ги чека победниците и како тие ја замислуваат новата Србија? Основата на студентската програма се нарекува „Студентски план“ со 11 точки, поделени во три дела: „Србија или мафија“, „Знаењето е моќ“ и „Србија расте со нас“. Првиот дел се занимава со институциите и корупцијата, а остатокот со образованието, економијата и секојдневните проблеми на граѓаните. Студентската листа најави формирање на специјална обвинителска полиција која ќе истражува корупција и ќе ги изведе одговорните пред лицето на правдата без политички притисок. Ветена е проверка на работата на полицијата, судовите и Обвинителството, а во програмата се споменува и лустрацијата на јавните службеници, како и инспекција на имотот на службениците. Исто така, се бара јавно објавување на договорите и тендерите и ревизија на државните проекти, особено на оние кои биле нетранспарентни или преплатени. Најавено е и проширување на добрососедските односи, а не е експлицитно наведено членство во ЕУ. Срдановиќ претходно изјави дека членството на Србија во ЕУ ќе се одлучи на референдум, а за Косово и Метохија рече дека се составен дел на Србија, при што трајно решение може да се бара мирно и преку дијалог.
Победата на Студентската листа собра бројни честитки. Меѓу другите, на српските граѓани им честиташе и македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој им посака успех на победниците.












