Учениците од ООУ „Живко Чинго“ – Велгошти повторно покажаа што значи вистинска хуманост. Во рамките на традиционалната хуманитарна акција организирана од Црвениот крст, учениците, наставниците и родителите од ова училиште уште еднаш покажаа дека солидарноста и емпатијата се вредности што длабоко се негуваат во нашето училишно семејство.
– Во текот на изминатите денови, училишните ходници беа исполнети со посебна енергија. Со голем ентузијазам и соработка, беа собрани значителни количества прехранбени производи и основни средства за хигиена, наменети за социјално загрозените семејства и лица на кои оваа помош им е најпотребна – соопштија од училиштето.
Оттаму додаваат дека оваа акција била многу повеќе од собирање помош, односно оти била вистински час по човечност.
– Нашите ученици покажаа дека со мал знак на внимание и со заеднички сили, можеме да изнудиме насмевка и да донесеме топлина во туѓите домови – потенцираат од училиштето.












