Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на регионалната конференција „She rises Regional 2026“ во Приштина ги претстави владините мерки за поддршка на женското претприемништво и најави иницијатива за поголемо регионално економско поврзување.
Дурмиши истакна дека економското зајакнување на жените е важно за одржливиот раст и конкурентноста, посочувајќи дека во 2026 година се обезбедени 11,34 милиони денари за поддршка на микро, мали и средни претпријатија и занаетчии.
Дополнително, два милиони денари се наменети за воведување меѓународни стандарди, а пет милиони денари за заеднички проекти меѓу компаниите и универзитетите. Преку Оперативниот план за вработување, вреден 2,39 милијарди денари, се поддржуваат и самовработувањето и претприемништвото, со посебен акцент на жените.
Како конкретен предлог за регионална соработка, министерот најави разговори за воспоставување регионална мрежа на компании управувани од жени. Во 2027 година би можела да се реализира и пилот-програма за дигитализација, сертификација, менторство и поврзување со големи компании и странски инвеститори.
Според Дурмиши, ваквата иницијатива би им овозможила на жените претприемачи полесен пристап до инвестиции и европските пазари, надоврзувајќи се на Заедничкиот регионален пазар и Планот за раст на Европската Унија.












