Аеродромот Схипхол во Амстердам објави дека ќе им понуди на авиокомпаниите попуст на аеродромските такси за да помогне во ублажувањето на товарот од повисоките трошоци за гориво поради војната на Блискиот Исток.
Попустот од 10 проценти ќе важи само за дневни летови, помеѓу 27 април оваа година и 31 март следната година, се вели во соопштението.
– Аеродромот ја презема оваа мерка бидејќи трошоците на авиокомпаниите одеднаш и нагло се зголемија поради високите цени на керозинот – се вели во соопштението на Схипхол.
Мерката „привремено“ негативно ќе влијае на финансиските резултати на Схипхол, но според проценката на менаџментот, таа не треба да ги попречи планираните инвестиции во следните десет години.
Схипхол е меѓу најпрометните и најскапите аеродроми во Европа, забележува Ројтерс.
Од почетокот на војната, цените на керозинот речиси се дуплираа, а европските превозници стравуваат дека прекините во снабдувањето би можеле да доведат до недостиг.
Европа покрива 30 до 40 проценти од својата побарувачка за керозин од увоз, при што повеќе од половината доаѓаат од Блискиот Исток, забележува Ројтерс.
Холандската влада претходно оваа недела посочи дека не се плаши од недостиг на гориво за авиони.
Залихите на керозин во Холандија моментално се на 78 проценти од нормалните нивоа, соопшти владата во писмо до парламентот, потсетувајќи дека увозот во голема мера е суспендиран.
Доколку прекините во снабдувањето од конфликтот на Блискиот Исток останат на сегашните нивоа, европското производство во комбинација со залихите од стратешките резерви на нафта и нафтени производи треба да покрие „неколку месеци“ побарувачка, проценува холандската влада.












