Ерлинг Халанд моментално е фокусиран на настапите со Норвешка на Светското првенство, но меѓу натпреварите успеа да стане вистински хит на социјалните мрежи со една урнебесна изјава.
Ѕвездата на Манчестер Сити гостуваше кај познатиот јутјубер КСИ во забавно видео во кое двајцата требаше да оценуваат колку различни луѓе личат на светски познати личности и спортски ѕвезди.
Во видеото се појавија двојници на Хари Кејн, Пеп Гвардиола, Јирген Клоп, Педро Нето, раперот Машин Ган Кели, како и легендите на ВВЕ – Андертејкер и Халк Хоган.
Сепак, најсмешниот момент дојде кога на сцената се појави девојка стилизирана како легендарната холивудска икона Мерилин Монро. Додека КСИ веднаш погоди за кого станува збор, Халанд имаше поинаква идеја.
- На почетокот мислев дека е Сидни Свини. Размислував за неа, изјави норвешкиот голгетер низ смеа.
Неговата реакција веднаш стана вирална, а фановите не пропуштија можност да се пошегуваат на негова сметка.
„Халанд штотуку ја направи најсмешната замена на познати личности оваа година“, напиша еден корисник на социјалните мрежи.
Друг се надоврза со коментар: „Мерилин Монро? Никогаш не сум слушнал за неа. Тоа е Сидни Свини“.
Додека интернетот се забавува со неговата изјава, Халанд продолжува да блеска и на теренот. Норвешка одлично го отвори Светското првенство, а токму напаѓачот на Манчестер Сити беше главна фигура во победата од 4-1 против Ирак, постигнувајќи два гола и уште еднаш потврдувајќи зошто важи за еден од најдобрите напаѓачи во светот.











