Грчките власти преземаат мерки за намалување на гужвите и забрзување на протокот на патници на копнените гранични премини, во услови на зголемен сообраќај и примена на новиот систем за влез-излез (EES), кој вклучува и биометриска регистрација на државјани од трети земји.
На ова се осврна заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, надлежен за регионите Македонија и Тракија, Константинос Гиулекас, кој на конференција за туризам истакна дека се разгледуваат привремени решенија за олеснување на преминувањето на границите, јави МИА.
Меѓу мерките е поставување модуларни контролни пунктови на граничниот премин Евзони, со што една сообраќајна лента се проширува во две, со цел да се намали времето на чекање. Воедно се најавуваат и активности за модернизација на инфраструктурата на преминот, која засега се спроведува во фази.
Гиулекас посочи дека, и покрај ограничената флексибилност до целосна модернизација на преминот, се користат сите расположливи привремени решенија за побрз проток на патници.
Во однос на системот за биометриска регистрација, тој нагласи дека европската регулатива овозможува привремено и делумно суспендирање на неговата примена во периоди на зголемен сообраќај, практика што, како што рече, веќе се применува.
Како што беше наведено, ваквата можност за привремено исклучување на биометриската регистрација се применува со цел да се обезбеди нормален проток на патници и возила на граничните премини.












