Грчки државјанин уапсен во Лондон е на судење за доаѓање во Велика Британија за да шпионира ирански опозициски новинар „во име на странска разузнавачка служба“, соопштија обвинителите, објави АП.
Обвинителот Ли Ингам тврдеше дека Јоанис Аидинидис, 46, посетувал адреси поврзани со новинарот, фотографирал и снимал куќи и регистарски таблички на автомобили. За време на втората посета, тој „инсталирал тајна камера скриена во чорап на дрво“ што го снимала станот на новинарот и „можела да испраќа податоци до непознати лица во странство“, рече Ингам во петокот во Судот за прекршоци во Вестминстер во центарот на Лондон.
Ајдинидис е обвинет за помагање на разузнавачката служба на странска земја, за која се верува дека е Иран, во нападот врз новинар кој работи за „Иран Интернешнл“, телевизиска станица на персиски јазик која е критична кон исламската влада на земјата.
Тој беше во Велика Британија од април, а беше уапсен на 12 мај и обвинет според Законот за национална безбедност на Велика Британија.
Ајдинидис, кој е роден во Грузија и живее во Минхен, Германија, го потврди својот идентитет преку руски преведувач, но не се изјасни за вина. Му беше наредено да остане во притвор до неговото следно судско појавување на 19 јуни во Лондонскиот крунски суд.
Обвинителот Ингам рече дека пораките на телефонот на Ајдинидис укажуваат дека тој бил финансиран од луѓе од странство и дека конкретни докази укажуваат дека тој, исто така, надгледувал компанија за воена одбрана во Италија, објави „Ројтерс“.
Техеран постојано негираше вмешаност во нападите или заговорите во Велика Британија, за кои се жалат иранските дисиденти.
Во април, три лица беа обвинети за обид за палење пожар на згради поврзани со Иран Интернешнл во Лондон, но пожарот не предизвика штета или повредени.
Британската полиција претходно соопшти дека истражува дали Иран е поврзан со тој случај и со серија други палежи на еврејски локации.
Проиранската група наречена Ашаб ал-Џамин ал-Исламија ја презеде одговорноста за повеќето од тие случаи, пренесе „Бета“.












