Граѓаните на Малта денес гласаат на предвремени парламентарни избори, на кои, според анкетите, се очекува да победи владејачката Работничка партија, што би ѝ дало четврти мандат.
Премиерот на Малта, Роберт Абела, ги распиша предвремените избори во четвртата година од неговиот петгодишен мандат, наведувајќи ги предизвиците во неизвесната меѓународна ситуација, објави „Ројтерс“.
Иако Малта е една од постабилните економии во Европската Унија (ЕУ), во земјата расте загриженоста за можна инфлација поради војните на Блискиот Исток и проблемите со увозот, како и пад на туризмот поради зголемувањето на цените на авионското гориво.
Владејачката Работничка партија досега ги доби изборите во 2013, 2017 и 2022 година.
Граѓаните избираат помеѓу шест партии, иако Работничката партија и центристичката Националистичка партија се единствените што го поминале прагот од 1966 година.
Премиерот Абела им вети на гласачите дека ќе ја зајакне економијата и стабилноста на земјата, додека лидерот на Националистичката партија Алекс Борг тврди дека силната економија на Малта не придонела за подобрување на животниот стандард.
Резултатите од изборите се очекуваат утре, пренесе „Бета“.












