Градоначалниците и секретарите од шест македонски општини (Битола, Кичево, Новаци, Демир Капија, Куманово и Вевчани) се запознаа со успешните модели за активно учество на граѓаните и на локалната самоуправа во производството, споделувањето и управувањето со обновлива енергија. Оваа можност ја имале учествувајќи на студиската посета во Хрватска посветена на развојот на граѓанските енергетски заедници, организирана од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“, во периодот од 15 до 18 јуни. Притоа, тие ги посетиле Загреб, Пушќа, Забок, Крижевци и Риека.
Како што информираат од „Екосвест“, посетата покажала дека граѓанските енергетски заедници не претставуваат само успешна европска практика туку и реална можност за Македонија.
– Со донесувањето на Законот за енергетика во 2025 година и со мерките предвидени во Националниот план за енергија и клима, веќе постои законска основа да се развиваат овие модели и кај нас. Следниот чекор е нивно практично спроведување преку активна соработка меѓу општините, граѓаните, институциите и локалниот бизнис – потенцираат од „Екосвест“.
Жарко Конески од „Екосвест“ истакна дека студиската посета била насочена кон размена на практични искуства, кои, како што вели, ќе придонесат кон спроведувањето на новиот Закон за енергетика и Националниот план за енергија и клима на локално ниво.
– Овие два стратешки документи ги препознаваат граѓанските енергетски заедници и активното учество на потрошувачите како важни механизми за забрзување на енергетската трансформација, зголемување на производството на обновлива енергија и намалување на трошоците за домаќинствата и за јавните институции – изјави тој.
Во текот на посетата, македонската делегација се сретнала со претставниците на општините Пушќа, Забок и Крижевци, со претставниците на енергетските заедници во Загреб и Северен Јадран во Риека, како и со граѓанските енергетски задруги и со Регионалната енергетско-климатска агенција за Северозападна Хрватска.
Притоа, учесниците имале можност непосредно да ги посетат проектите во кои општините и граѓаните заеднички инвестираат, управуваат и произведуваат електрична енергија, покажувајќи дека ваквиот модел носи економски, социјални и еколошки придобивки за локалните заедници.
Горан Чачиќ, програмски раководител во Зелената енергетска задруга (ЗЕЗ) од Загреб, смета дека енергетската транзиција не значи само замена на фосилните горива со обновливи извори на енергија туку и можност граѓаните, општините и локалните заедници да станат активни учесници во енергетскиот систем.
– Така придобивките од производството на чиста енергија остануваат таму каде што се создаваат: во локалните заедници. Особено ни е драго што имавме можност да споделиме дел од нашите искуства со градоначалниците и со претставниците на општините од Македонија и се надеваме дека оваа размена ќе поттикне нови иницијативи за развој на граѓански енергетски заедници и во Македонија – изјави Чачиќ.
Студиската посета, како што велат од „Екосвест“, со поддршка на Фондацијата „Хајнрих Бел“ и Шведска, придонела за зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи и отворила простор за понатамошна соработка и за размена на искуства.
– Научените лекции ќе им помогнат на македонските општини полесно да ги применат новите законски можности и да развиваат локални енергетски иницијативи што ќе придонесат за исполнување на националните климатски и енергетски цели – децидни се од „Екосвест“.












