– Преку теренските истражувања во изминатите години, утврдивме дека модровраните кај нас сè потешко наоѓаат места за гнездење. Затоа лани изработивме и поставивме неколку куќарки, кои, на наше големо задоволство, се уверивме дека годинава веќе им станале дом на овие птици. За да можеме да обезбедиме уште повеќе куќарки и така да ја зголемиме бројноста на модровраните, потребна ни е поддршка и решивме да ја побараме од граѓаните – објаснува Славе Накев, проектен координатор во МЕД
Македонското еколошко друштво (МЕД) спроведува акција за зајакнување на овдешната популација на модроврани преку изработка и поставување куќарки.
Сакајќи да им обезбедат сигурен дом на овие прекрасни птици, од еколошкото друштво ги повикуваат граѓаните да ја поддржат кампањата со симболична донација.
– Преку теренските истражувања во изминатите години, утврдивме дека модровраните кај нас сè потешко наоѓаат места за гнездење. Затоа, лани изработивме и поставивме неколку куќарки, кои, на наше големо задоволство, се уверивме дека годинава веќе им станале дом на овие птици. За да можеме да обезбедиме уште повеќе куќарки и така да ја зголемиме бројноста на модровраните, потребна ни е поддршка и решивме да ја побараме од граѓаните – објаснува Славе Накев, проектен координатор во МЕД.
Сите љубители на птици и на природата може да се вклучат во акцијата, која ќе трае најмалку до крајот на јуни, а изработката и поставувањето на куќарките ќе се спроведат во текот на летото.
Некогаш широко распространета низ котлините во Македонија, модровраната (Coracias garrulus) денес ја среќаваме само во Овче Поле, Скопската Котлина и низ Повардарјето до Демир Капија. Губењето на старите дрвја и на природните дупки за гнездење, за оваа птица значи ограничени можности за размножување и поранлива популација.
Модровраната е средноголема преселна птица, со должина меѓу 29 и 32 см и распон на крилјата меѓу 52 и 58 см. Препознатлива е по азурносината боја на пердувите, кои на крилјата стануваат портокалово-кафеави одгоре и црни оддолу. Се размножува во топли, суви и пространи предели со помалку дрвја, низ Европа и Централна Азија. Секоја година, на патот до Африка, може да помине и до 10.000 километри.
Освен што е прекрасна птица, модровраната им е важен сојузник на земјоделците. Се храни со големи инсекти и со мали глодачи и така природно ги регулира штетниците. Токму затоа нејзиното присуство се смета за показател за здрав и добро зачуван земјоделски предел.
(А. П.)












