вторник, ноември 3, 2026
Дома СВЕТ Хакери ги нападнаа државните бази на податоци на Молдавија – властите се...

Хакери ги нападнаа државните бази на податоци на Молдавија – властите се уште не именуваат потенцијални сторители

0

Молдавскиот премиер Василе Тофан денеска изјави дека властите во Кишињев се сомневаат оти зад серијата кибер-напади врз владините бази на податоци, од кои хакерите извлекле лични податоци на граѓаните, стои странска држава; сепак, тој одби да ги именува потенцијалните сторители.

Говорејќи на самитот за проширувањето на Европската унија, организиран од „Еуроњуз“ (Euronews), тој истакна дека хакерите влегле во владините бази на податоци и пристапиле до личните идентификациски броеви на молдавските граѓани.

Тој додаде дека надлежните органи добиле претходни предупредувања за можни напади и дека се сомневаат оти зад нив стои странска држава.

„Се сомневаме дека зад ова стои државен актер. Со оглед на она што се случува низ Европа, ова прашање ќе остане на дневен ред за европските земји“, рече молдавскиот премиер.

Тој додаде дека во овој момент може само да се шпекулира кој е одговорен, иако списокот на потенцијални осомничени „не е особено долг“.

Европските земји во последно време сè почесто стануваат цел на сајбер-напади – за некои од нив, според „Еуроњуз“, постои сомневање дека се поврзани со Русија.

Оваа недела, седум земји пријавија напади врз системите за ладење во супермаркетите, додека апликациите за итни предупредувања во Украина и Русија исто така беа компромитирани и искористени за испраќање лажни предупредувања, пренесува „Танјуг“.

Молдавија, исто така, се соочи со засилени обиди за, како што беше опишано, руско мешање за време на кампањата за минатогодишните парламентарни избори.

ИЗДВОЕНИ