Град Скопје вчера организираше бесплатно разгледување на Матка и на Врело, можност граѓаните да се оддалечат од секојдневието и да уживаат во едно од најубавите катчиња во нашиот град.
Со организиран автобуски превоз и со професионални туристички водичи од Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници, граѓаните имаа можност да ги запознаат овие места и да слушнат повеќе за нивните природни особености.
– Инспирирани од историскиот подвиг на полскиот нуркач Бартломиеј Питала, кој достигна длабочина од 338 метри и го запиша Врело како најдлабока подводна пештера во светот истражена од човек, сакаме да го доближиме ова наше природно богатство до што повеќе граѓани. Зашто особено е чувството кога ја гледаш со свои очи убавината за која слуша светот и знаеш дека е таа дел од твојот град. Величествени карпи, мирна вода и глетки што оставаат без здив. На Матка, секој поглед потсетува колку била дарежлива природата кон Скопје. А Врело, со својата убавина и со таинствените длабочини, нè потсетува колку многу сè уште има да откриваме и да чуваме за идните генерации – истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
Тој најави дека почесто ќе се организираат вакви бесплатни разгледи.












