недела, ноември 1, 2026
Дома СКОПСКА Жителка на Карпош алармира: Малолетници палат и фрлаат петарди и ги вознемируваат...

Жителка на Карпош алармира: Малолетници палат и фрлаат петарди и ги вознемируваат другите   

0

– Цела недела во нашата населба малолетници фрлаат и палат петарди, очигледно купени на Бит-пазар, без никаква контрола и без размислување за последиците – реагира жителката.

Таа додава дека, во населбата, секојдневно се изложени на силни детонации, вознемирување и на потенцијална опасност. Притоа, апелираше до родителите, но и до надлежните служби, итно да реагираат

 

Оваа година рано почна употребата на пиротехнички средства, кои најчесто се обележје на деновите пред новогодишните празници.

Полицијата постојано предупредува за опасноста од употребата на петарди, односно дека не се играчка тие и дека може да повредат, што го потврдуваат и извештаите од болниците, спроведувајќи контроли и одземајќи петарди и други пиротехнички средства пред празниците. Притоа, од Министерството за внатрешни работи (МВР) потсетуваат дека неовластените купување, продажба и користење петарди се строго забранети со закон и подлежат на прекршочни и на кривични санкции.

Сепак, малолетниците остануваат глуви на предупредувањата и понатаму изнаоѓајќи начини да ги набават и да ги користат.  Таков е примерот во населбата Карпош, од каде што алармира жителка на социјалните мрежи дека повторно малолетници користат петарди, ги палат, ги фрлаат и ги вознемируваат другите.

– Цела недела во нашата населба малолетници фрлаат и палат петарди, очигледно купени на Бит-пазар, без никаква контрола и без размислување за последиците – реагира жителката.

Таа додава дека, во населбата, секојдневно се изложени на силни детонации, вознемирување и на потенцијална опасност.

– Овде живеат мали деца, повозрасни лица, домашни миленици, но, очигледно, не е важно тоа за оние што продаваат и за оние што дозволуваат ваква појава. Кој ја контролира продажбата на пиротехнички средства на малолетници? Кој ќе преземе одговорност? Каде се надлежните институции? – реагира жителката.

Притоа, апелира до родителите, но и до надлежните служби, итно да реагираат.

– Петардите не се играчки. Превенцијата е обврска, а не реакција откако ќе се случи несреќа. Дали навистина треба да чекаме да се случи несреќа за некој, конечно, да реагира? – потенцира таа.

Пред Нова година во 2025 (во текот на декември 2025 година), Министерството за внатрешни работи спроведе масовна оперативна акција, наречена „Пиротехника“, во која беа запленети рекорден број пиротехнички средства и петарди низ целата држава. Заклучно со ноември, беа откриени 155.000 парчиња, а најголемите и најзвучни поединечни акции беа реализирани кон крајот на декември 2025 година.

Рекордна заплена од над 25 тони пиротехника имаше на 24-25 декември 2025 година, во една од најголемите акции на МВР, реализирана кај наплатната станица Градско и во Скопје. Полицијата тогаш откри огромно количество петарди и огномет спакувани во две товарни возила и во магацин на правно лице. Во случајот беа уапсени две лица од Скопје, од кои едното беше активен полициски службеник.

Како традиционална точка на нелегална препродажба, Бит- пазар беше под постојан претрес. На 8 декември беа одземени 7.107 парчиња на три импровизирани тезги, на 14 декември уште 3.372 парчиња, а непосредно пред Нова година (на 30 декември) беа запленети дополнителни над 6.000 парчиња пиротехника.

МВР во овој период ја спроведуваше и превентивната кампања „Создавај спомени без повреди – кажи им „не“ на пиротехничките средства“, а Дирекцијата за заштита и спасување упати апели до угостителите строго да ја почитуваат забраната за огномет и за пиротехника во затворени простории.

Според нашето законодавство, неовластените продажба, набавка и употреба на петарди и на други пиротехнички средства повлекуваат строги парични и затворски казни, во зависност од тежината на делото. Активирањето пиротехника на јавни места (улици, дворови, паркови, влезови на згради) се смета за прекршок против јавниот ред и мир, за кој според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир се предвидува парична глоба во износ од 200 до 500 евра (во денарска противвредност) за секој што неовластено употребува пиротехнички средства или ги нарушува мирот и безбедноста на граѓаните со тоа. Доколку прекршокот го направат малолетни лица (деца), глобата може да биде префрлена на нивните родители или старатели поради занемарување и негрижа.

Тргувањето и дистрибуцијата на пиротехника на црниот пазар (како по пазарите или преку Интернет) не се третираат како обичен прекршок, туку како кривично дело. Според Кривичниот законик (Член 396), за неовластено изработување, држење, продавање или набавување експлозивни и распрскувачки материјали, предвидена е казна затвор од три до десет години. Доколку предмет на делото е поголемо количество пиротехнички средства или средства што се целосно забранети за граѓаните, сторителот се соочува со казна затвор од најмалку пет години.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ