недела, ноември 1, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Преспа добива мрежа од 188 километри велосипедски и планински патеки

Преспа добива мрежа од 188 километри велосипедски и планински патеки

50

Преспанскиот Регион добива нова туристичка инфраструктура преку воспоставување интегриран систем од вкупно 188 километри велосипедски и планински патеки, со што се отвораат нови можности за развој на активниот и на одржливиот туризам. Новата мрежа ќе ги поврзе природните убавини, населените места и туристичките локалитети во регионот – од брегот на Преспанското Езеро до планинските предели. Велосипедските маршрути ќе ги опфатат Коњско, Стење, Ресен и селата долж западниот брег на езерото, како и населените места во јужниот дел на Преспа, сè до Маркова Нога кај Долно Дупени.

Проектот предвидува уредување и обележување на пешачките и на велосипедските патеки, поставување соодветна сигнализација, патокази и информативни табли, како и изградба на видиковци, летниковци и места за одмор. Пешачките патеки ќе бидат обележани согласно со стандардите за планински патеки, со патокази и со локациски ознаки, додека велосипедските маршрути ќе добијат посебни маркери и патокази. На почетните точки на пешачките патеки и на трите главни делници од велосипедската мрежа ќе бидат поставени големи информативни табли, а на крајните точки и на другите стратешки локации ќе има помали табли со туристички карти и со информации за маршрутите.

Со воспоставувањето на оваа инфраструктура, Преспа добива можност подобро да ги искористи своите природни и културни потенцијали, да привлече поголем број домашни и странски посетители и да создаде дополнителни можности за развој на локалната економија. Очекувањата се дека новата мрежа ќе придонесе за поголема поддршка на локалните бизниси, за промоција на руралниот туризам и за зачувување на природните вредности на регионот, позиционирајќи ја Преспа како атрактивна дестинација за велосипедизам, планинарење и за рекреација.

Активноста се реализира во рамките на програмата „ЕУ за Преспа“, финансирана од Делегацијата на Европската Унија во Македонија, а имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со националните и со локалните партнери.

 

ИЗДВОЕНИ