Епидемиолошката состојба во Гостивар останува стабилна и нема нови хоспитализации, информираа вчера од Министерството за здравство, од каде додаваат дека институциите продолжуваат со следење на состојбата поврзана со квалитетот на водата за пиење. Во меѓувреме, политичката полемика околу кризата продолжува, откако СДСМ ја обвини Владата дека го загрозува здравјето на граѓаните со контрадикторни информации за безбедноста на водата, а ВМРО-ДПМНЕ возврати дека проблемот е резултат на долгогодишна негрижа за време на претходната власт.
-Епидемиолошката состојба во Гостивар останува стабилна и континуирано се следи од надлежните здравствени институции. Во текот на 1 август се регистрирани вкупно 57 први прегледи, што е за три помалку во споредба со претходниот ден, кога беа евидентирани 60 прегледи. Нема нови хоспитализации. Заклучно со 1 август, регистрирани се вкупно 1.041 формална пријава за заразна болест и изработени се 734 нови епидемиолошки анкети, стои во вчерашното соопштение од Министерството.
Во однос на западнонилската треска, пак, додаваат дека до Институтот за јавно здравје не се пријавени нови лабораториски потврдени случаи.
-Министерството за здравство, во координација со Институтот за јавно здравје и другите надлежни установи, продолжува внимателно да ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за сите нови сознанија, велат од МЗ.
Опозициската СДСМ, пак, ја обвини власта дека си игра со здравјето на луѓето и дека водата во Гостивар не е ниту за капење, а камоли за пиење.
-Во над 50 населени места водата не е исправна за пиење. Народот се труе а одговорни нема за тоталниот колапс на институциите. Вчера и официјално беше соопштено дека водата во Гостивар сѐ уште не е за пиење. Продолжува хиперхлорирањето. Во повеќе примероци сѐ уште се пронаоѓаат бактерии. Ова е скандалозно. Хиперхлорираната вода не е наменета за постојана употреба. Додека концентрацијата на хлор е висока, водата не смее да се користи ниту за капење. Високото ниво на хлор предизвикува иритација на кожата, очите и дишните патишта, рече Маја Борозан од Форумот на жени на СДСМ, на прес-конференција.
Таа го обвини премеирфот Мицкоски дека врз основа на неговата најава дека водата ќе биде технички исправна, граѓаните ја користат водата за капење.
-Министерот Клековски најави дека до крајот на минатата недела водата ќе биде безбедна за пиење. Пред два дена Мицкоски повторно изјави дека „за првпат по многу години“ водата ќе биде бактериолошки исправна. Во исто време, додека министерот најавуваше вода за пиење, Мицкоски рече дека не може – затоа што се појавила нова бактерија. Ова се случува кога нестручни лица даваат објаснувања. Секој ден различни упатства. Граѓаните се збунети, а последиците по здравјето можат да бидат катастрофални, рече Борозан.
ОД владејачката ВМРо-ДПМНЕ, пак, порачаа дека проблемот со водата во Гостивар не е нов, ниту од вчера, туку тој е последица на децениска негрижа на СДС, ДУИ и Таравари.
-Документите покажуваат дека проблемот со неисправната вода во Гостивар не е од вчера, туку дека уште во периодот кога Филипче беше министер, а продолжи и понатаму во време на владеење на СДС. Така на 11.11.2020 година, микробиолошка анализа покажала зголемен број на колиформни бактерии и констатирала дека водата не треба да се користи за пиење. На 15.02.2021 година и на 01.03.2021 година, повторно било констатирано дека водата не ги задоволува критериумите согласно правилниците за безбедност и квалитет на водата за пиење. Проблемите продолжуваат и во 2022 и 2023 година. На 11.07.2022 година, водата за пиење доставена од ЈП „Комуналец“ – Гостивар, не одговарала за употреба поради зголемен број на аеробни мезофилни бактерии. Потоа на 29.06.2023 година повторно била констатирана неисправност поради бактериски колонии, а на 04.08.2023 година повторно било утврдено дека водата за пиење не одговара поради зголемен број на аеробни мезофилни бактерии. Во ниеден од овие случаи не било постапено, властите на централно и на локално ниво предводени од Венко Филипче, СДС, ДУИ и Таравари знаеле и ништо не преземе, а граѓаните проголжувале да користат и пијат несиправна вода, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Проблемот со водата за пиење во Гостивар трае повеќе недели, откако лабораториските анализи покажаа бактериолошка неисправност на градскиот водовод. Во првата фаза од кризата, надлежните институции препорачаа водата воопшто да не се користи, ниту за пиење, подготовка на храна, ниту за техничка употреба, вклучително и капење. По започнувањето на процесот на хиперхлорирање и добивањето на дел од контролните резултати, беше дозволена техничка употреба на водата, додека забраната за пиење остана во сила. Институциите информираа дека водата ќе може повторно да се користи за пиење дури по завршување на хиперхлорирањето и добивање три последователни исправни микробиолошки анализи, со кои ќе се потврди дека ги исполнува законските критериуми за безбедност. Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје продолжуваат со секојдневно земање примероци и мониторинг на водоводната мрежа.












