понеделник, август 3, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Квадрат стан ја проби границата од 3.000 евра, а 47 семејства првпат...

Квадрат стан ја проби границата од 3.000 евра, а 47 семејства првпат добија свој клуч

Цените на становите немаат кочница – квадратот стигна над 3.000 евра, а патот до сопствен дом за многумина станува сè потежок. Додека едни плаќаат преку двесте илјади евра за луксузни станови, други чекаат шанса за најосновното – свој покрив над глава. Во Дебар, 47 семејства добија клучеви од социјалните станови што ги гради државата и можност за нов почеток

0

Кој има пари – купува, кој нема – чека помош. Таква е сликата на пазарот на недвижности во Македонија. Во вториот квартал од годинава биле регистрирани илјадници купопродажби и закупи, а цените на дел од становите достигнале рекордни нивоа.

Најскапиот нов стан продаден од инвеститор бил во Општина Центар. За 50 квадратни метри, купувачот платил дури 168 илјади евра, односно околу 3.360 евра за квадратен метар. Но, не се само новите станови скапи. Кај староградбата, највисока цена е постигната во Охрид, каде што квадратен метар достигнал околу 3.200 евра. За стан од 66 квадрати биле платени 211.200 евра.

Според податоците од регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности, од април до јуни биле евидентирани 8.369 трансакции, што е раст од 7,9 проценти во однос на првиот квартал. Вкупната вредност на прометот со недвижности достигнала 351,7 милиони евра, што е за 27,3 проценти повеќе во споредба со претходниот квартал.

Најмногу се купувало во Скопје. Општина Аеродром е на врвот со 297 продадени стана, а најголем број трансакции вкупно – купопродажби и закупи – има токму таму со 600 случаи. Следуваат Центар со 571 и Карпош со 486 трансакции.

Продажбата на станови расте. Во вториот квартал биле продадени 943 новоизградени станови, што е за 32 проценти повеќе од првиот квартал. Во Катастарот досега се запишани и 28.352 предбележувања на градба, што покажува дека има голем број објекти што се во изградба и допрва треба да се појават на пазарот.

За разлика од продажбата, кај закупите има намалување. Во вториот квартал биле регистрирани 2.148 закупи, што е пад од 17 проценти. Најмногу се изнајмувале деловни простори – 935, а потоа станови – 630. Кај становите за изнајмување, бил намален бројот на закупи за 14 проценти, а пад имало и кај вкупната месечна закупнина за 9 проценти. Најскап квадрат за изнајмување има во Центар, каде што просечната месечна закупнина за станбен простор изнесува 408 денари за квадрат, потоа следуваат Аеродром со 375 денари и Карпош со 354 денари.

За едни квадратот е луксуз, за други – нов почеток

Додека цените на становите се високи и многу граѓани тешко може сами да стигнат до сопствен дом, 47 социјално загрозени семејства во Дебар добија нови станови.

Становите се наменети за најранливите категории – лица што биле згрижени без родители, корисници на гарантирана минимална помош, лица погодени од природни непогоди, лица со попреченост и нивните семејства, припадници на ромската заедница и самохрани родители со деца.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, порача дека овие проекти се помош за семејствата што најтешко може сами да го решат станбеното прашање.

– Со овие проекти, решаваме едно од најважните животни прашања на голем број семејства: обезбедуваме достоинствени услови за живот за најранливите категории граѓани – изјави тој.

Тој потсети дека досега се доделени социјални станови во Велес, Кочани, Струмица и во Гевгелија, а во тек се и проекти во Пробиштип, Свети Николе, Бутел, Сарај и во Прилеп.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ