Францускиот Асвел се подготвуваше за најамбициозната сезона во својата историја, но само неколку недели пред почетокот на новата евролигашка кампања, клубот се соочува со сериозна финансиска криза која може целосно да ги урне големите планови.

Клубот од Вилербан летово размислуваше дури и да ја напушти Евролигата и да се приклучи на идниот проект НБА-Европа, но наместо тоа, одлучи да инвестира рекордни средства и да нападне место на фајнал-фор. Под водство на сопственикот Тони Паркер беше формиран силен стручен штаб, а пристигнаа и неколку звучни засилувања.

Првичниот план предвидуваше буџет од дури 59 милиони евра, но според последните информации, тој би можел да се намали на само 24 милиони. Причината е повлекувањето на инвеститорите кои требаше финансиски да го поддржат проектот, поради што клубот е принуден во последен момент да прави сериозни корекции.

Најголем удар би можел да биде случајот со францускиот репрезентативец Силвен Франциско. Одличниот плејмејкер пристигна од Жалгирис како лидер на новиот проект, но постои реална можност никогаш да не дебитира за Асвел бидејќи клубот не е во можност да му ги исплати договорените финансиски услови.

Ситуацијата внимателно ја следи Панатинаикос, кој е во потрага по нов организатор на играта. Доколку Франциско стане слободен, атинскиот гигант би можел брзо да реагира и дополнително да го засили својот ростер.

Неизвесна е и иднината на останатите летни засилувања – Ник Вајлер-Баб, Армони Брукс, Бот Гах и Ив Понс, додека играчите кои се поврзуваа со Асвел, но сè уште не беа официјално претставени, речиси сигурно нема да пристигнат во Вилербан.

Меѓу нив се поранешниот НБА-центар Даниел Таис, Џоел Боломбој, искусниот Пати Милс и американскиот крилен кошаркар Нејт Сестина.

Наместо историски напад на европскиот врв, Асвел сега се соочува со борба за финансиска стабилност, а останува да се види дали Тони Паркер ќе успее да го спаси проектот пред да започне новата сезона.

 

ИЗДВОЕНИ