Летниот период повторно ги отвори старите проблеми со сообраќајот и јавниот ред во Тетово. Граѓани реагираат за метежот по улиците, недостигот на паркинг-места и за бучавата што, како што велат, трае до доцните ноќни часови.
Тетовецот Бошко Видоески, преку социјалните мрежи, побара поголема контрола и ред во градот. Според него, Тетово во летните месеци се соочува со сериозни проблеми поради зголемениот број возила со странски регистарски таблички.
– Тетово е заложник на возила со швајцарски, германски и со италијански регистарски таблички – напиша Видоески, посочувајќи дека дел од возачите непрописно паркираат, создаваат бучава, турираат и се тркаат по улиците.
Тој оценува дека жителите на градот секојдневно се соочуваат со отежнато движење и нарушување на мирот.
– Не може да биде нормално ова во град што не е туристички да се однесува како туристички. И во таквите градови постои ред. Туризмот не смее да биде на штета на жителите што живеат тука цела година – напиша Видоески.
Граѓаните, според него, со месеци се соочуваат со проблеми: тешко пристигнуваат до своите домови, нема доволно места за паркирање, а бучавата од улиците го нарушува секојдневието. Видоески упати критики и кон надлежните институции, оценувајќи дека не се доволни контролите и дека е потребно поголемо присуство на службите за да се воспостави ред.
Жителите бараат решенија што ќе овозможат нормално функционирање на градот, но и почитување на правилата од страна на сите учесници во сообраќајот.












