Мостот „Естакада“, една од најважните сообраќајни врски за Гази Баба и Скопје, целосно се реконструира, соопшти Град Скопје.
Санацијата ги опфаќа пристапните рампи на површина од 10.000 квадратни метри, каде ќе се отстрани стариот асфалт и ќе се постават два нови асфалтни слоја. Нов асфалт ќе добие и самиот мост.
Ќе се заменуваат рабници и капаци на шахти, ќе се изработат нови асфалтни тротоари, а пешачката ограда ќе се исчисти, санира и бојадиса.
Вкупната должина на коловозот што се реконструира изнесува 1,5 километри. Од Град Скопје велат дека со интервенцијата ќе се подобрат безбедноста и сообраќајната поврзаност, а најавуваат и продолжување на санацијата на мостовите низ градот.












