петок, јули 31, 2026
Дома СВЕТ Руска новинарка која пишуваше за наука и медицина осудена на 12 години...

Руска новинарка која пишуваше за наука и медицина осудена на 12 години затвор за наводно предавство

0
screenshot X

Градскиот суд во Москва ја осуди руската новинарка Дарија Шипачева на 12 години затвор за наводно предавство, додека Меѓународната и Европската федерација на новинари (МФЈ и ЕФЈ) побараа нејзино ослободување и ја осудија континуираната криминализација на новинарите во Русија.

Шипачева, која како фриленсер се занимаваше со научни и медицински теми и претходно соработуваше со публикациите на Форбс Русија и РБЦ, беше уапсена на 23 април 2025 година во нејзиниот стан во Москва.

Пред нејзиното апсење, таа добивала закани од ултранационалистичкото и мизогинистичко движење „Машка држава“ поради нејзините феминистички ставови, според МФЈ и ЕФЈ.

Судењето се одржало зад затворени врати, а деталите од обвинението не биле објавени.

Според достапните информации, постапката е покрената поради парична трансакција кон Украина.

Познаници на новинарката тврдат дека парите биле наменети за нејзин роднина кој живее во таа земја.

Шипачева се изјаснила за виновна и соработувала со истражителите.

Судот ја осуди на 12 години затвор, што е најниската казна за предавство, парична казна од 300.000 рубли и конфискација од приближно 1,56 милиони рубли.

IFJ и EFJ проценија дека новинарката е осудена врз основа на неосновани обвинувања по затворено судење кое траело околу 90 минути.

– Кремљ мора да престане да ги замолчува новинарите под лажни изговори. Дарија Шипачева и сите други притворени новинари мора да бидат ослободени – соопштија федерациите на новинари.

ИЗДВОЕНИ