Новак Ѓоковиќ повторно проговори за крајот на својата неверојатна кариера и откри дека има уште една голема цел пред да стави точка на професионалното играње.
Најдобриот тенисер на сите времиња, во интервју за „Диарио“, порача дека сака да настапи на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, а доколку телото му дозволи, токму таму би можел да ја заврши кариерата.
- Неколку пати во последните години кажав дека би сакал да стигнам до Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година. Мислам дека можам да успеам. Ќе видиме. Ќе зависи од тоа како реагира моето тело и од многу други околности, изјави Ѓоковиќ.
Србинот веќе неколку сезони внимателно го избира распоредот и игра значително помал број турнири, бидејќи сака да го зачува телото, но и да поминува повеќе време со семејството.
Сепак, неговата најсилна порака се однесува на начинот на кој би сакал да се збогува со тенисот.
- Се надевам дека ќе успеам да стигнам до Олимписките игри и да ја завршам кариерата на тој начин, со српското знаме на рамената, порача српската легенда. Токму ваков крај би имал огромна симболика за Ѓоковиќ, кој во Париз во 2024 година конечно го освои олимпиското злато, еден од ретките големи трофеи што му недостасуваа во богатата колекција.
Сега пред него останува уште една голема мисија – да стигне до Лос Анџелес 2028. Секако, многу работи можат да се променат во следните две години, а неговото продолжување ќе зависи пред сè од здравјето, формата и желбата за натпреварување. Но, доколку успее да го реализира планот, тенискиот свет би можел да биде сведок на спектакуларен крај на една од најголемите спортски кариери во историјата – Ѓоковиќ да го одигра последниот меч со српското знаме на рамената.











