Германскиот бундеслигаш Гумерсбах, направи еден од најголемите трансфери во поновата клупска историја, откако потпиша договор со можеби најдобриот голман моментално во светот – Андреас Волф. Договорто е потпишан на четири години, до 2032 година, а со важност од летото 2028 година.
Брилијантниот 35-годишен голман ќе остане член на Кил до крајот на неговиот тековен договор, а во Гумерсбах ќе пристигне на 37 години.
– Тој е еден од најдобрите голмани во светот. Фактот што доаѓа во Гумерсбах е огромна работа за нас. Исклучително сме среќни што одлучи да ни се придружи – изјави тренерот на Гумерсбах, Гудјон Валур Сигурдсон.
Директорот на клубот, Кристоф Шиндлер, беше особено задоволен од реализацијата на трансферот, кој истакна дека ангажирањето на германскиот репрезентативец претставува многу повеќе од спортско засилување.
– Денес е голем ден за Гумерсбах. Го доведовме најдобриот голман во последните десет години и моментално најдобриот голман во Бундеслигата. Од друга страна, ова е исто така јасна порака. Пред четири години игравме во втората лига, сега стигнавме до европските натпреварувања и реализиравме трансфер за кој во тоа време не можевме ни да сонуваме. Сега е јасно дека Гумерсбах повеќе не е клуб кој служи за развој на играчи за други средини. Ова е еден од најголемите трансфери во историјата на нашиот клуб – рече Шиндлер.
Волф ја започна својата професионална кариера во Гросвалштат, се етаблираше во Вецлар, а потоа играше за Кил од 2016 до 2019 година. По пет сезони поминати во полски Киелце, се врати во „Зебрата“ во 2024 година.
Со германската репрезентација освои европско злато и олимписка бронза во 2016 година, олимписко сребро во Париз во 2024 година, како и сребро на Европското првенство во 2026 година. Четири пати беше избран во идеалните состави на големите натпреварувања, а три пати беше прогласен за најдобар ракометар во Германија.












