Македонската кошаркарска репрезентација доживеа тежок и неочекуван пораз од Кипар со 75:85 во Скопје, во вториот круг од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година. Наместо очекувана победа, нашите кошаркари приредија големо разочарување и сериозно ги намалија шансите за остварување на поставената цел.
Иако Ненад Димитријевиќ одигра одличен индивидуален натпревар со 30 поени, а Стојан Ѓуроски додаде 11, тоа не беше доволно за да се избегне дебаклот. Кипарците уште од самиот почеток покажаа дека нема да бидат лесен противник, користејќи ја нашата слаба одбрана и предноста во офанзивните скокови.
Македонија имаше минимална предност од 23:21 по првата четвртина, а на полувремето резултатот беше израмнет на 43:43. Сепак, во продолжението повторно се појавија старите проблеми. Нашите кошаркари пропуштија неколку одлични можности да се одлепат, па во последната четвртина влегоа со само еден поен предност (55:54). Клучниот удар Кипар го зададе на стартот од последниот период, кога со серија од 9:1 поведе со 56:63. Македонија успеа да се врати и да израмни на 65:65, но гостите повторно ја презедоа контролата и на три и пол минути до крајот имаа предност од 65:72.
Димитријевиќ се обидуваше да ја одржи надежта, но ниту неговите поени, ниту обидите на соиграчите не беа доволни за пресврт. Кипар ги искористи нашите грешки и офанзивните скокови за да стигне до заслужена победа од 85:75.
До крајот на овој квалификациски циклус Македонија има уште два натпревари – домашен дуел со Австрија и гостување кај Кипар. По ваквиот пораз, притисокот врз репрезентацијата е огромен.











