Бројот на жртви од масовниот руски напад што во текот на ноќта ја погоди украинската престолнина Киев достигна 15 лица – соопшти градоначалникот Виталиј Кличко.
Според Киевската градска воена администрација, во градот се повредени 39 лица, додека министерот за внатрешни работи, Иван Вигивски, изјави дека вкупниот број на повредени во Киев и Киевската област надминал 40. Сите надлежни служби интензивно работат на терен на погодените локации.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта ја нападнала земјата со десетици балистички, крстосувачки и хиперсонични ракети, како и со 168 беспилотни летала. И покрај тоа што се соборени близу 90 отсто од дроновите и поголемиот дел од крстосувачките ракети, сите балистички ракети ги достигнале целите, нанесувајќи големи разурнувања.
Во Соломјанскиот реон беа целосно разурнати горните катови на деветкатна станбена зграда, каде што е регистриран и најголемиот број жртви. Градоначалникот Кличко најави иницијатива утрешниот ден да биде прогласен за ден на жалост, додавајќи дека оштетувања претрпеле и објекти во други два престолни реони, вклучително училиште, детска болница, како и магацини и нестамбени објекти.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека силите на Москва извршиле воздушни удари со кои биле погодени капацитети за производство на делови за дронови, воен магацин и логистички центар. Мета на нападите била и Одеската област, при што континуираните удари врз пристанишната инфраструктура продолжуваат да го попречуваат клучниот земјоделски извоз на земјата.
Во контекст на засилените руски напади со балистички ракети, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните сојузници итно да ги надополнат резервите на ракетни пресретнувачи за системите „Патриот“, нагласувајќи дека тие се единственото оружје во арсеналот што може успешно да пресретне балистички закани.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, одговори на социјалната мрежа Икс дека институцијата интензивно работи со земјите членки и меѓународните партнери за да ѝ обезбеди на Украина неопходни средства за противвоздушна одбрана, оценувајќи го тоа како „најитен приоритет“.












