Продор на значително поладен воздух од север ќе донесе нагло заладување во Македонија претстојниот викенд. Од сабота навечер (28 ноември), во текот на ноќта кон недела и во недела (29 ноември), врнежите од дожд во поголем дел од земјата ќе преминат во снег.
Исклучок ќе бидат Повардарието и југоисточните предели, каде што се очекуваат врнежи од дожд или дожд и снег. На места врнежите повремено ќе бидат пообилни.
До недела напладне во поголем дел од Македонија се очекува формирање снежна покривка со висина од 1 до 5 сантиметри. Во западните и северните делови од земјата, во одделни градови, снежната покривка може да достигне од 10 до 20 сантиметри. На планините и во скијачките центри се очекуваат од 20 до 30 сантиметри снег.
Во Скопје и околината се очекуваат врнежи од дожд и снег, додека на околните планини и во повисоките делови од Скопската Котлина ќе врне снег.
Во повисоките предели од котлината се очекува формирање снежна покривка со висина од 1 до 10 сантиметри, додека на околните планини таа ќе биде и значително поголема.
Дополнително, ќе дува умерен до повремено засилен ветер од северен правец, кој локално и повремено ќе достигнува или надминува брзина од 40 километри на час.
Недела (29 ноември) ќе донесе значително студено време низ земјата. Минималните температури ќе се движат од -3 до 4 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 0 до 6 степени.
Во Скопје и околината утринската температура ќе се спушти до околу 1 степен, а дневната ќе достигне најмногу околу 3 степени.
Поради најавениот снежен бран, се апелира до возачите да бидат особено внимателни во текот на викендот, особено доколку патуваат низ планинските превои, каде што се очекуваат снежни врнежи и отежнати услови за возење, пишува Метеоаларм во најновата прогноза.












