Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Жозеп Марија Берокал, не го криеше разочарувањето по поразот од Кипар со 75:85.
Шпанскиот стратег како главни причини за негативниот резултат ги посочи падот во играта во завршницата, загубените топки и непочитувањето на основните кошаркарски принципи. Според него, проблемот не бил само во промашените шутови туку, пред сè, во работите што играчите можеле да ги контролираат.
- Го почнавме мечот на неочекуван начин. Имавме израмнети четвртини, одбраната се подобри во третиот период, но во последните десет минути покажавме една друга игра. Се зголемија грешките, промашувавме, но мора да научиме од овој пораз, да бидеме заедно. Овој меч не беше како што посакувавме, но во февруари имаме уште две шанси да си ја завршиме задачата – истакна Берокал.
Селекторот особено го потенцираше фактот дека македонските кошаркари не ги почитувале основните правила на игра, нешто што, според него, не смее да се случува без оглед на противникот и важноста на натпреварот.
- Мора да ги почитуваме сите репрезентации и да ја почитуваме кошарката. Едноставни правила од кошарката. Денес не го правевме тоа, не почитувавме да ја вадиме топката надвор, играта еден на еден, да не ги губиме топките, протокот на топка… А Кипар одигра добар меч. Тажен сум, но ќе мислиме на следниот прозорец и на мечевите што ни следуваат – објасни селекторот.
Тој направи разлика меѓу промашените шутови, кои се нормален дел од кошарката, и грешките што произлегуваат од недоволна концентрација и недисциплина. Токму тие пропусти, според него, биле нешто што можело да се избегне.
- Можам да разберам да промашиш шутови, но другите нешта што се во твои раце и не ги контролираш, тоа не го разбирам. Шутот за три, можеби, е и клучен на крајот, но сега е готово. Мора да останеме оптимисти, да размислуваме за натпреварите и да се подготвиме за она што ни следува – порача Берокал.











