петок, ноември 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Со модринки на лицето Сара дојде во судницата, Корабоски не се појави,...

Со модринки на лицето Сара дојде во судницата, Корабоски не се појави, неговата одбрана издејствува одложување на првото рочиште

52

Видлива модринка на окото, последица од бруталното тепање, имаше 26-годишната Сара која денеска се појави во Основниот суд во Охрид, каде што требаше да почне судењето за нападот врз неа, пренесува „Охрид њуз“. Но, наместо да почне главната расправа, судењето беше одложено за 1 декември поради барања за изземање на обвинителот и судии, поднесени од одбраната на обвинетиот Христијан Корабовски.

Адвокатот на оштетената, Ѓоко Шаин, изјави дека одбраната побарала изземање на јавниот обвинител назначен за предметот, како и на сите јавни обвинители од ОЈО Охрид. Барањето било доставено до обвинителството непосредно пред почетокот на рочиштето. За барањето треба да се произнесе Вишото обвинителство.

Одбраната побарала и изземање на судијката Александра Поп Стефанија, судијата Милчо Клишески и претседателот на Основниот суд во Охрид, Бојан Мартиноски.

Барањата за изземање на судиите Поп Стефанија и Клишески биле одбиени, додека за изземањето на претседателот на судот треба да одлучува Апелациониот суд во Битола, рече Шаин.

Од одбраната, пак, реагираа дека барањето се однесувало на двајцата судии, а решението што го добиле било само за судијката Александра Поп Стефанија. Тврдеа и дека документот немал правна сила бидејќи не бил потпишан и заверен со печат на судот.

Сара беше присутна во судницата, но обвинетиот Корабовски не. Според адвокатот Шаин, тој се наоѓал во притворското одделение на судот. На рочиштето дојде еден од двајцата најавени сведоци, додека за отсуството на другиот беше приложена медицинска потврда.

ОЈО Охрид поднесе обвинение против Христијан Корабоски за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.

Случајот предизвика силни реакции во јавноста и протести против семејното и родово базираното насилство, со барања институциите да постапуваат ефикасно и да ги заштитат жртвите. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ