Граѓаните од следната недела преку мобилна апликација ќе можат да проверат дали имаат евидентиран сообраќаен прекршок, каде е направен и да ги видат доказите, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој посочи дека апликацијата веќе функционира за странските државјани, а наскоро ќе биде достапна и за македонските граѓани. Точниот датум на нејзиното пуштање во употреба ќе биде дополнително соопштен.
Во меѓувреме, продолжува проширувањето на проектот „Безбеден град“. Следна е Струмица, каде што системот треба да профункционира во првата половина на декември, потоа Штип најдоцна до јануари, а Битола до крајот на февруари.
Според Тошковски, досегашните резултати од проектот покажуваат намалување од 35 проценти на сообраќајните незгоди со смртни последици.












