Поранешниот светски рекет број еден, Американецот Енди Родик, јавно застана во одбрана на Новак Ѓоковиќ и на останатите тенисери кои во последните денови отворено ги критикуваат организаторите на Ролан Гарос поради распределбата на приходите и висината на наградниот фонд.

Темата предизвика огромно внимание во тенискиот свет откако најголемите ѕвезди побараа поправедна распределба на заработката од гренд слем турнирите. Организаторите на парискиот турнир неодамна објавија рекорден награден фонд од 61,7 милиони евра, но според тенисерите, тоа зголемување не е доволно ако се земе предвид колку растат приходите од самиот турнир.

Во заедничка изјава, потпишана од Новак Ѓоковиќ, Јаник Синер, Арина Сабаленка и Коко Гоф, беше наведено дека Ролан Гарос во 2023 година остварил приходи од дури 395 милиони евра, додека наградниот фонд бил зголемен за само 5,4 проценти.

Според тенисерите, нивниот удел во вкупната заработка паднал на само 14,3 проценти, а тие бараат модел сличен на оној што постои во АТП и ВТА-системите, каде што играчите добиваат околу 22 проценти од приходите.

Како пример за подобар пристап беше посочен САД опен, кој минатата година значително го зголеми наградниот фонд и им овозможи поголема заработка на тенисерите.

Родик смета дека јавноста често има погрешна слика за животот на професионалните тенисери и дека многумина не разбираат колкави трошоци носи професионалниот спорт.

  • Луѓето гледаат само колку заработуваат најдобрите, но не и колку трошат играчите кои се околу 90. место на АТП-листата. Патувања, тренери, фитнес-тимови, сместување – сето тоа чини огромни пари, изјави Родик.

Американецот направи споредба и со НБА, потсетувајќи дека кошаркарите со години се бореле за поправедна распределба на профитот.

  • Во НБА, играчите се изборија за подобар однос во поделбата на приходите. Истото сега го бараат и тенисерите – бонусите да растат паралелно со профитот на турнирите, истакна Родик.

Тој посебно го бранеше Ѓоковиќ, нагласувајќи дека Србинот не ја поведува оваа тема поради личен интерес.

  • Кога Новак зборува за ова, не го прави тоа затоа што му требаат повеќе пари. Тој го користи своето влијание за да го сврти вниманието кон проблемот и да им помогне на останатите играчи, порача Родик.

Поранешниот американски тенисер имаше пофални зборови и за Коко Гоф, за која рече дека покажува голема зрелост и разбирање за проблемите во спортот и покрај младата возраст.

ИЗДВОЕНИ