Зад бројките стојат човечки животи, семејства и работници кои секојдневно се соочуваат со ризици што можат да се спречат. Синдикатите предупредуваат на недоволна заштита, недостиг од инспектори и работодавачи кои безбедноста сè уште ја сметаат за трошок, а не за инвестиција. Надлежните повикуваат на посилна превенција и заедничка одговорност, додека дигитализацијата и модернизацијата отвораат и нови прашања за здравјето на вработените. Клучното прашање останува исто: кој ќе ја преземе одговорноста за работникот да си замине од работа жив и здрав?

Околу две илјади повреди при работа годишно и од 20 до 30 работници кои го губат животот на работното место, се загрижувачките бројки на кои предупредуваат синдикатите, укажувајќи дека состојбата со безбедноста и здравјето при работа во земјава со години останува речиси непроменета. Потребата од посилна превенција, поефикасни инспекциски контроли и поголеми вложувања во заштитата на вработените беше во фокусот на настанот по повод Европската недела за безбедност и здравје при работа – 2026, на кој беа доделени и Националните награди за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа.

Претседателот на Синдикатот за градежништво и планирање и потпретседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, Иван Пешевски, предупреди дека и покрај долгогодишните заложби, бројот на повреди и смртни случаи на работните места не се намалува значително. Според него, работодавачите сè уште често ја третираат безбедноста како трошок, наместо како инвестиција во човечкиот капитал и во условите за работа.

– Секоја година се повторуваме, но никако да се поправиме во делот за безбедност и здравје при работа – истакна Пешевски, посочувајќи дека зад статистиката стојат човечки животи и семејства кои секоја година остануваат без своите најблиски.

Иван Пешевски

Тој оцени дека ниските плати и недостоинствените услови за работа ги принудуваат работниците да прифаќаат дополнителни работни ангажмани, прекувремена работа, како и работа за време на празници и викенди. Ваквата состојба, според него, дополнително ги зголемува ризиците, особено кога работниците се изложени на опасности поради замор, недоволна заштита или несоодветна механизација.

Пешевски нагласи дека подобрувањето на состојбата бара одговорност и од работодавачите и од институциите, но и поголема свесност кај самите работници за правото на безбедно работно место. Тој ги охрабри вработените да пријавуваат опасни услови и да не прифаќаат работа на места каде што нивното здравје и живот се изложени на ризик. Посебно критичен беше кон функционирањето на инспекциските служби, посочувајќи дека недостигот од инспектори и ограничените услови за нивната работа ја отежнуваат контролата на терен. Според него, не е доволно инспекциите да реагираат откако ќе се случи несреќа, туку мора навремено да ги препознаваат ризиците и да спречуваат трагични последици.

– Инспекциите треба да бидат на терен и да не чекаат некој да се повреди, туку да проверуваат, да прават контроли и веднаш да затворат ако видат дека нешто е ризично – порача Пешевски, нагласувајќи дека санкциите мора да бидат соодветни на тежината на прекршувањата.

Тој предупреди и на проблемот со професионалните заболувања, кои, како што рече, често не се евидентираат, додека одговорноста за несреќите неретко се префрла врз самите работници. Според него, државата мора посилно да ги обврзе работодавачите да инвестираат во заштитна опрема, исправна механизација и безбедни услови за работа.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека безбедноста и здравјето при работа се основно право на секој работник и еден од приоритетите на Министерството. Тој нагласи дека целта е секој вработен да работи во безбедна средина, да биде заштитен од ризици и по завршувањето на работниот ден да се врати дома здрав и безбеден.

Бесар Дурмиши

– Вложувањето во здрави и безбедни работни места е инвестиција, а не трошок –  порача Дурмиши, додавајќи дека грижата за работниците не е само законска обврска, туку и прашање на човечко достоинство и заедничка одговорност.

Според министерот, брзиот технолошки развој, дигитализацијата и промените во организацијата на работата создаваат нови можности за продуктивност и економски раст, но носат и нови предизвици за заштитата на вработените. Особено внимание, како што нагласи, треба да се посвети на психосоцијалните ризици, стресот и влијанието на современите работни процеси врз менталното здравје. Дурмиши посочи дека унапредувањето на законската рамка, зајакнувањето на превенцијата и соработката меѓу институциите, работодавачите, синдикатите и инспекциските служби се неопходни за создавање култура на безбедност. Тој изрази задоволство од интересот на компаниите за Националната награда за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа, оценувајќи дека нивните практики треба да бидат пример за останатите работодавачи.

Јасмина Чалоска

Претседателката на Советот за безбедност и здравје при работа, професорката д-р Јасмина Чалоска, истакна дека Европската недела за безбедност и здравје при работа претставува можност повторно да се нагласи дека заштитата на работниците не смее да се сведе само на исполнување на законските обврски, конвенциите и директивите. Според неа, безбедноста и здравјето при работа се основно човеково право, општествена одговорност и предуслов за одржлив развој на секоја компанија и на општеството во целина. Таа нагласи дека државата мора да ги следи современите стандарди и да одговори на новите ризици што произлегуваат од промените во светот на трудот.

Чалоска упати јасна порака до работодавачите дека здравјето на работниците никогаш не смее да биде жртвувано заради поголема продуктивност. Истовремено, таа повика на посилна и поконзистентна посветеност на надлежните институции, која ќе се преточи во конкретни политики, функционални механизми и соодветни кадровски и финансиски капацитети.

Годинешната Европска недела за безбедност и здравје при работа беше одбележана со тоа што се повика на поголемо унапредување на безбедноста и здравјето при работа со акцент на менталното здравје и психосоцијалните ризици на работното место, културата на превенција и добрите практики на домашните компании. Настанот го организираше Советот за безбедност и здравје при работа, со поддршка од Меѓународната организација на трудот (МОТ), во рамките на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Македонија“, финансиран од Европската Унија (ЕУ). На одбележувањето учествуваа претставници на ресорните државни институции, организациите на работодавачи, синдикатите, компаниите и стручната јавност од областа на БЗР во земјава, како и на Делегацијата на ЕУ, МОТ и Европската агенција за безбедност и здравје при работа.

Мауро Машиоли, програмски менаџер во Делегацијата на ЕУ во земјава, истакна дека Европската Унија го поддржува унапредувањето на безбедноста и здравјето при работа во Македонија преку зајакнување на институциите и приближување кон европските стандарди.

– За работниците, тоа треба да значи подобра заштита и работна средина во која се води грижа и за физичкото и за менталното здравје. Превенцијата е вложување во луѓето и во одржливоста на компаниите – рече Машиоли.

Во своето обраќање, Клер Харасти, директорка на Канцеларијата на МОТ за Централна и Источна Европа, истакна дека грижата за менталното здравје мора да биде составен дел од управувањето со безбедноста и здравјето при работа.

– Нашата порака ја става превенцијата во центарот. Психосоцијалните опасности мора да се идентификуваат и проценуваат, а со нив да се управува со истата сериозност како со физичките, хемиските и биолошките опасности. А превенцијата бара дејствување од работодавачите, учество на работниците, ефективни институции и силен социјален дијалог – нагласи Харасти.

Во рамки на настанот беа доделени и националните награди за добра практика во безбедноста и здравјето при работа, кои годинава ги добија „ARC Automotive“ и Друштвото за производство, трговија и услуги „Лутхман Бацклунд Фоодс Продукција ДОО Битола“.

Презентирајќи ги своите искуства, наградените компании ги истакнаа придобивките за нивните организации и конкретните резултати за своите вработени постигнати преку спроведување на различни активности од областа на безбедноста и здравјето. По доделувањето на наградите следуваше дискусија за приоритетите при креирањето современ систем за превенција и контрола, како и за потребата од ефективен социјален дијалог и соработка во функција на обезбедување безбедни и здрави работни места.

Заедничката порака од настанот е дека модернизацијата и дигитализацијата немаат вистинска вредност доколку не се проследени со соодветна заштита на луѓето. Работниците остануваат најзначајниот ресурс во секој работен процес, а создавањето безбедни и достоинствени услови за работа бара постојана превенција, одговорност и конкретни мерки. Целта не е само намалување на статистиката на повреди и загинати, туку обезбедување работна средина во која секој човек ќе може да ги извршува своите обврски без страв за сопствениот живот и здравје.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ