среда, октомври 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Граѓаните да ги намират даночните обврски

Граѓаните да ги намират даночните обврски

1

Општина Крива Паланка упати апел до граѓаните, даночни обврзници, кои имаат ненамирени долгови по основ на данок на имот за тековната 2026 година, како и заостанати долгови за изминатите фискални години, во најкраток временски рок да пристапат кон целосно намирување на долгот за да избегнат дополнителни трошоци при присилна наплата.

– Општина Крива Паланка ги известува сите граѓани на Општината дека планира спроведување соодветна постапка за присилна наплата на сите достасани, ненаплатени, побарувања по основ на данок на имот за физички и за правни лица. Постапката за присилна наплата ќе биде спроведена во текот на ноември и на декември, почнувајќи од 15.11.2026 година. За таа цел, ги повикуваме сите граѓани да ги намират заостанатите обврски за да не мора да бидат наплатени побарувањата преку присилна наплата, постапка што ќе произведе дополнителни финансиски трошоци, кои ќе бидат на товар на самите даночни обврзници – се наведува во соопштението од Општината.

Оттаму нагласуваат дека редовното и навремено плаќање на данокот на имот претставува законска обврска, но и директен придонес на секој граѓанин во развојот на Општината.

– Приходите од локалните даноци се значаен извор на средства за реализација на општинските програми, подобрување на комуналната инфраструктура, унапредување на јавните услуги и за создавање подобри услови за живот на сите граѓани на Општината – нагласуваат од Општина Крива Паланка.

 

 

ИЗДВОЕНИ