Националниот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО ја одржа првата аукција за гаранции за потекло на електрична енергија произведена од повластени производители, со што започна воспоставувањето нов пазарен механизам за тргување со овој инструмент во земјава.

На аукцијата „MEMO FiT – Wind“ беа понудени 35.000 гаранции за потекло на електрична енергија произведена од ветер, од кои беа продадени 34.000, по просечна цена од 0,35 евра.

Од МЕМО оценуваат дека аукцијата претставува значаен чекор кон создавање транспарентен и конкурентен пазар, на кој вредноста на гаранциите ќе се утврдува врз основа на понудата и побарувачката.

– Со одржувањето на првата аукција, МЕМО направи конкретен исчекор во реализацијата на Реформската агенда, во делот што се однесува на воспоставување систем за тргување со Гаранции за потекло – наведуваат од операторот.

Поголема вредност за зелената енергија

Гаранциите за потекло се инструмент со кој се потврдува дека одредена количина електрична енергија е произведена од конкретен извор, како што се ветерот, сонцето или водата. Нивното значење расте со зголемените потреби на компаниите да го докажат потеклото на енергијата што ја користат, особено во услови на декарбонизација и исполнување на целите за одржливо работење.

Воведувањето на аукциското тргување треба да овозможи појасно вреднување на еколошките придобивки од производството на електрична енергија од обновливи извори, но и нова можност за производителите да остварат дополнителна вредност од своето производство.

– Со имплементацијата во функција на системот за аукциско тргување, МЕМО придонесува кон развој на поорганизиран и поконкурентен пазар, на кој пазарните сигнали ќе овозможат пореално вреднување на Гаранциите за потекло и на еколошките придобивки од производството на електрична енергија од обновливи извори – посочуваат од компанијата.

Издадени над 850.000 гаранции за потекло

Од април 2025 година досега, во Македонија се издадени повеќе од 850.000 гаранции за потекло на електрична енергија. Овој податок укажува на развојот на пазарот и на потребата од воспоставување поорганизиран систем за тргување.

Од МЕМО посочуваат дека новиот механизам е дел од пошироките активности за унапредување на пазарните правила и усогласување со европските практики во енергетиката.

Воспоставувањето на системот треба да придонесе за поголема транспарентност, зајакнување на конкуренцијата и создавање појасни пазарни сигнали за вредноста на електричната енергија произведена од обновливи извори.

Од операторот најавуваат дека ќе продолжат со развојот на пазарната инфраструктура, со цел да се воспостави функционален и транспарентен пазар на зелена енергија во земјава.

ИЗДВОЕНИ