Зоолошката градина во Битола има пет нови животни. Тие се донација од Зоолошката градина во Белград, установа со која соработува Зоолошката градина во Битола повеќе децении.

Од Градината информираа дека е збогатено тамошното зоосемејство со егзотичната птица свет ибис, со африканската мачка сервал, був, берберска овца од карпестите предели и со американски ракун.

-Сите нови жители успешно го поминаа патот, сместени се во своите нови живеалишта и се под будното око на нашиот ветеринарен тим. Меѓуинституционалните соработка и размена се клучни за унапредување на условите, збогатување на нашиот фонд и за едукација на посетителите. Му се заблагодаруваме на тимот од Зоолошката градина во Белград за прекрасната соработка – информираа од битолската Зоолошка градина.

Зоолошката градина има повеќе од 400 животни од 30 различни вида.













