Погрешна наредба од железнички диспечер, издадена по дефект во сигналниот систем, довела до фатална железничка несреќа што се случила во средата, изјави шпанскиот министер за транспорт. Најмалку 64 лица загинаа во судирот на два воза за големи брзини во Шпанија, информира регионалната влада на Кастиља-Ла Манча.
Уште 80 лица добиваат медицинска помош поради повреди здобиени во судирот помеѓу двата воза за големи брзини.
Говорејќи на прес-конференција во средата попладне, Оскар Пуенте изјави дека дефект во главниот компјутерски сигнален систем предизвикал автоматско запирање на сите возови во областа – вклучително и возот за големи брзини на „Ренфе“ (Renfe) и возот на „Ирио“ (Iryo) кои учествувале во судирот.
Контролниот систем на „Адиф“ (Adif), компанијата што управува со шпанската железничка инфраструктура, потоа го презел управувањето со системот.
Била донесена одлука да му се дозволи на возот на „Ренфе“ да го продолжи патувањето; добил дозвола за движење иако црвениот сигнал – кој го забранува поминувањето – останал активен.
Возот на „Ирио“ останал запрен на пругата, на приближно 25 километри пред него. Според Пуенте, на возот на „Ренфе“ му било дозволено да го продолжи патувањето без никакви ограничувања на брзината. Тоа значи дека во периодот помеѓу 8:36 и 8:52 часот по локално време, тој изминал околу 25 километри со брзина од околу 200 километри на час, пред да се судри со возот на „Ирио“, пренесува „Си-ен-ен“.
Министерот за транспорт ја опиша несреќата како „навистина тешка за замислување“ и изјави дека одлуката на контролниот центар да му дозволи на возот на „Ренфе“ да продолжи, додека возот на „Ирио“ стоел на пругата, е „необјаснива“.












