петок, ноември 13, 2026
Дома СКОПСКА Почит за ослободителите

Почит за ослободителите

1

По повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, денеска, во 11:00 часот, беше положено цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје, на Партизанските гробишта во Бутел, во 11:30 часот положено е цвеќе на гробот на генерал Михајло Апостолски во Алејата на заслужните граѓани, на гробиштата во Бутел а во 12:30 часот, беше положено цвеќе на Споменикот на ослободителите на Скопје пред Владата.

Традиционално ќе бидат доделени и наградите „13 Ноември“. Свечената церемонија ќе се одржи вечерва во Македонската опера и балет, со почеток во 19:00 часот.

Наградите се доделуваат во повеќе области и тоа: публицистика, образование и воспитание, култура, уметност, здравствена заштита, хуманитарна активност, спорт и ученици и студенти како последна категорија.

Според одлуката за работа на Одборот за доделување на наградата „13 Ноември“, овогодинешните добитници на наградата од областа на публицистиката се Леунора Калиќи за долгогодишна професионална работа во областа на новинарството и публицистиката и Огнен Марина, кој е награден за делото штo ја истражува обновата на Скопје, „Тhe SkopjeProject“.

Потоа, од областа на образованието и воспитанието оваа година награда ќе добие Факултетот за музичка уметност, Универзитет „Св Кирил и Методиј“ – Скопје по повод 60-годишен јубилеј од основањето.

Награда за значаен придонес во развојот на културниот живот во Скопје ќе добие Мирко Стефаноски, додека пак во областа на уметноста, добитник на наградата „13 Ноември“ е Марија Кичевска Шокаровска, за долгогодишен исклучителен придонес во развојот и афирмацијата на балетската уметност.

Од областа на здравствената заштита Градот ќе награди група автори кои ги напишале учебниците „Превентивна стоматологија“ и „Детска стоматологија“, а во оваа група автори спаѓаат Елизабета Ѓоргиевска, Марија Стефановиќ, Мира Јанкуловска, Ана Сотировска Ивковска, Златко Георгиев, Александар Димков, Мери Павлевска, Олга Кокочева-Ивановска, Ефка Жабокова Билбилова, Весна Амбаркова, Јасна Симоноска и Христо Петановски.

Од областа на заштитата и унапредувањето на животната средина и природата награда ќе добие фирмата „Мен енд маунтен ДОО Скопје“, која е наградена за континуиран придонес во подобрување на животната средина и подигнување на еколошката свест.

Потоа, награда за хуманитарна активност ќе добие Илија Кировски за неговата долгогодишна и континуирана работна целина во педијатријата и во хуманитарната активност.

Од областа на спортот и физичката култура наградена ќе биде пливачката Меланија Ќулавковска за континуирани и големи спортски достигнувања на домашни и меѓународни натпревари во пливање.

Последна област е ученици и студенти, а во оваа категорија добитничка на наградата „13 Ноември“ е Михаела Блажевска,  за континуирани и успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и креирањето на платформата „Learn.mk“.

Според Одлуката објавена во Службениот гласник на Град Скопје, наградата за поединци и група творци се состои од диплома и паричен износ во висина од четири просечни плати исплатени за месец октомври оваа година, додека пак наградата за ученици и студенти исто така се состои од диплома, но тука паричниот износ е во висина од две просечни плати исплатени во октомври.

Фирмите добитници на „13 Ноември“, пак, нема да бидат парично наградени и ним Градот ќе им додели диплома и плакета.

Фото: (П.С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ