Сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, првообвинет за трагедијата во која на 16 март загинаа 63 лица, на рочиштето, преку својата адвокатка Ивана Коцевска, најави дека ќе поднесе гаранција со која ќе се обезбеди неговото присуство на судењата. Коцевска побара и писмена дозвола за посета од нотар за да може да се завери согласноста која ќе биде дел од гаранцијата. Адвокатката реагираше и на пишувањата во јавноста за можноста по истекот на законскиот рок да се бара друга основа за продолжување на мерката против Јованов. Според неа, тоа би претставувало притисок и би ги нарушило правата на обвинетиот.
– Ново кривично дело е само изигрување со правата на обвинетите, но тука има сериозен притисок. Не се трудиме и не ја негираме одговорноста за настанот, туку бараме да му се почитуваат правата како обвинет. Фер судење не е привилегија, туку е основен принцип на кој се темели една држава, изјави Коцевска.
Таа рече дека одбраната не негира одговорност кај Дејан Јованов, туку дека нивната борба е да се утврди реална правна квалификација за одговорноста кај него, што, како што нагласи „не може да биде со умисла, туку може да биде само од небрежност”.
– Ние не дадовме признание на вина во текот на постапката од проста причина што ја негираме правната квалификација на делото. Умислата ја негираме. Со самото тоа, ние не ја негираме одговорноста што постои кај Дејан Јованов. Кај Дејан Јованов де факто постои одговорност, меѓутоа не на начинот на кој е подготвено во обвинението. И затоа бараме да се дозволи да му се почитува правото и на фер начин да се утврди неговата одговорност за која ние се бориме – изјави Коцевска.
Судијката Дијана Груевска одговори дека судот ќе го почитува законот и дека правата на обвинетиот и досега не биле загрозени.
– Точно е дека притворот мора да прекине на 3 октомври, како ќе одлучи Кривичниот совет понатаму, ќе видиме, рече Груевска во судницата.
Според законската рамка наведена во текот на постапката, обвинетиот може да биде во притвор најмногу една година од оценката на обвинението. За предметот „Пулс“, тој рок истекува на 3 октомври, што значи дека Јованов, кој е во притвор од трагедијата, веќе не може да остане во ефективен притвор по истиот законски основ. Во меѓувреме, судот им ги укина мерките на петтемина обвинети кои биле во куќен притвор откако ги прифати понудените гаранции.
Судењето за полицајците застана поради сведоците
Паралелно со главниот предмет, во Основниот кривичен суд во Скопје требаше да продолжи и судењето против 13 полициски службеници обвинети за тешки дела против општата сигурност, поврзани со трагедијата во „Пулс“. Но и ова рочиште не се одржа. Причината беше отсуството на сведоците. Од судот информираа дека дел од поканите се вратиле како неуредно доставени или со ознака „не барал“, додека за други сведоци нема доказ дека ги примиле поканите. Еден од сведоците телефонски потврдил дека ја примил поканата, но кажал дека ќе дојде само доколку му биде обезбеден превоз до Скопје.
Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска најави дека за следното рочиште поканите ќе бидат доставени преку полициска станица. Доколку сведоците повторно не се појават, ќе се применат законските механизми, односно парична казна и присилно доведување. Следното рочиште е закажано за 21 септември.
За семејствата на жртвите, секое ново одложување значи дополнително губење време. Драги Стојанов, татко на Панче Стојанов, побара судот да ги искористи сите механизми за да бидат обезбедени сведоците и да дадат исказ.
– Ние препорачуваме судот, и покрај тоа што сведоците не се доведени, уредно да ги покани, да ги повика и да стапи во контакт со нив за да се утврди причината. Ние губиме време, нерви и имаме голем стрес кога доаѓаме тука. Го повикувам судот уредно да ги покани и да ги искористи сите механизми што треба – ако е потребно, да ги доведе и со полициска придружба, рече Стојанов и ги повика и самите сведоци да дојдат и да ја кажат вистината, без страв од притисоци или закани.
Стојанов информираше и дека семејствата среда ќе одржат марш по повод една и пол година од трагедијата.
– Луѓето да дојдат и да ни дадат поддршка. Со давањето поддршка на нас, им даваат поддршка на сите да не се случи повторно, кога ќе ги пуштат децата во диско, да се вратат безбедни, порача тој.
Во предметот против 13 полициски службеници, обвинението се однесува на нивното постапување во ноќта на трагедијата. Според обвинението, полицајците кои биле дежурни биле ангажирани и во дискотеката, но не ја прекинале забавата и не спречиле користење пиротехника. Во пожарот на 16 март 2025 година, во „Пулс“ загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. (П. А.)












