Александар Степанулески ја доби наградата за најдобро актерско остварување на 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, кој вчеравечер заврши во Струмица. Наградата ја доби за улогата на Луков во претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, во изведба на Прилепскиот народен театар, која ја спушти завесата на годинашното издание на фестивалот.
Одлуката на фестивалското жири ја образложи претседателката, ланската лауретка, Билјана Драгичевиќ-Пројковска, во кое, покрај неа, играта на актерите ја оценуваа Иван Додовски, универзитетски професор и драмски автор, и Билјана Ѓуровиќ, актерка и професор од Белград.
– Александар Степанулески го гради Луков како фигура на привидна неприкосновена моќ, која постепено се распаѓа и ги открива стравот, зависноста и моралната разграденост на ликот. Со силно сценско присуство, прецизни промени на актерските регистри и уверлива игра на авторитетот и неговото нарушување, тој ја разоткрива противречноста на човекот што манипулира, заплашува и организира политичко убиство, а истовремено останува заробеник на системот на кој му служи – стои во образложението за наградата на жири-комисијата.
Годинашниот лауреат, Александар Степанулески, не ја очекувал наградата, а радоста најпрвин ја сподели со своите колеги од Прилепскиот театар.
– Не ја очекував наградата, морам да бидам искрен. Одлично ја изигравме претставата, која помина така како што е направена. Наградата ја доживувам многу лично, многу драго, многу убаво, многу важно затоа што „Ристо Шишков“ е еден од двата наши најголеми фестивали и е признание што секој актер може само да го посака – изјави Степанулески по добивањето на наградата.
Наградата, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда во износ од 1.500 евра и плакета на најдобриот актер, му ја врачи директорот на Фестивалот, Ванчо Ристов-Патриков.
Во име на Фестивалот, на писателот Јордан Плевнеш, на членовите на жири-комисијата, на селекторот Љупчо Ѓоргиевски и на водителот на Фестивалот, Ѓорги Калајџиев, им беа доделени медалјони со ликот на Шишков.












