Фотоволтаична централа со инсталирана моќност од 40,3 kWp е поставена на покривот на Деканатот на Медицинскиот факултет – Скопје, со што институцијата ќе обезбеди значителни енергетски заштеди и ќе го намали влијанието врз животната средина. Станува збор за систем кој на годишно ниво ќе произведува околу 54 MWh електрична енергија, додека истовремено ќе спречи емисија на приближно 43,2 тони јаглерод диоксид. Проектот претставува конкретен чекор кон одржливо управување со ресурсите и намалување на зависноста од традиционални извори на енергија.

Извршниот директор на ОКТА, Димитриос Пасхос, истакна дека инвестициите во обновливи извори се инвестиции во иднината, особено кога се насочени кон институции со клучна општествена улога.

– Со оваа донација, Медицинскиот факултет доби сопствен извор на чиста енергија и стана поодржлива образовна установа, со што се унапредува нејзиното секојдневно работење и се намалува зависноста од надворешни извори на енергија – изјави Пасхос.

Деканот на факултетот, Светозар Антовиќ, нагласи дека оваа инвестиција има долгорочно значење за институцијата.

– Факултетот добива стабилен извор на енергија што ќе овозможи оптимизација на трошоците и поефикасно управување со ресурсите. Тоа значи повеќе средства за унапредување на наставата, научно-истражувачката дејност и условите за работа – истакна Антовиќ, додавајќи дека проектот придонесува за позиционирање на факултетот како современа и еколошки одговорна институција.

Донацијата е дел од пошироката стратегија на ОКТА за поддршка на јавни институции преку инвестиции во обновливи извори на енергија. Во изминатиот период компанијата реализираше повеќе проекти, меѓу кои поставување фотоволтаични системи во СОС Детско село Скопје, како и во училишта и градинки низ земјава.

ИЗДВОЕНИ