По повод Светскиот ден на интелектуалната сопственост, Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам) организира серија од три настани насочени кон актуелните предизвици и можности во оваа област, со цел да се поттикне пошироката јавна дискусија и да се зајакне свесноста за значењето на интелектуалната сопственост во економијата.

Првиот настан од серијата, одржан вчера, беше посветен на борбата против фалсификуваните лекови. На панел-дискусијата учествуваа претставници од институциите, од бизнис-секторот и од експертската јавност, кои отворија клучни прашања за влијанието на оваа појава врз здравјето на граѓаните, пазарната конкуренција и довербата во системот. Учесниците се согласија дека проблемот со фалсификуваните лекови не лежи само во регулативата туку и во нејзината доследна примена. Беше нагласена потребата од засилената контрола кај синџирот на снабдување, поголема транспарентност и поефикасна размена на информации меѓу институциите и индустријата.

На значењето на оваа тема од аспект на јавното здравје се осврна економскиот советник во Амбасадата на САД во Скопје, Барнабас Биркеланд. Тој истакна дека се неопходни силни заштитни механизми и координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор за да се обезбедат квалитетни лекови и континуирани иновации.

Во текот на неделата, ќе се одржат уште два тематски настани. Вториот ќе се фокусира на географските ознаки како алатка за развој на конкурентни домашни трговски марки на меѓународните пазари, додека третиот ќе ги отвори предизвиците поврзани со нелегалното емитување авторски содржини, особено во контекст на дигиталните платформи и новите технологии.

Од АмЧам посочуваат дека интелектуалната сопственост претставува клучен фактор што директно влијае врз инвестициите, иновациите и довербата во пазарот. Извршната директорка Јелена Арсовска нагласи дека ова прашање не треба да се гледа како апстрактна тема, туку како дел од секојдневието.

– Интелектуалната сопственост често ја гледаме како апстрактна или техничка тема, но, всушност, ја живееме секојдневно – во производите што ги купуваме, во услугите што ги користиме и во содржините што ги следиме. Во суштината, таа е прашање на доверба – истакна Арсовска.

Претседателката на Комитетот за интелектуална сопственост при АмЧам, Ана Пепељугоска, додаде дека станува збор за суштински дел од економската структура на едно современо општество. Според неа, интелектуалната сопственост има директно влијание врз конкурентноста, развојот и предвидливоста на пазарот.

Со оваа иницијатива, АмЧам има за цел да ја позиционира интелектуалната сопственост како важен сегмент на реалната економија, кој придонесува за создавање стабилна и предвидлива деловна средина, како и за долгорочен економски развој.

Американската стопанска комора во Македонија обединува преку 150 компании, членки од различни сектори, кои вработуваат повеќе од 42.000 лица и остваруваат значителен придонес во националната економија. Организацијата е дел од поширока меѓународна мрежа на американски стопански комори, што дополнително ја зајакнува нејзината улога во унапредувањето на бизнис-климата во земјата.

ИЗДВОЕНИ