„Паметници на заборавот“ е насловена фотографската изложба на Сашо Димоски, поставена во  Културно-информативниот центар во Скопје. Во фокусот на изложбата се просторот и објектите во него, како една од доминантните тематски преокупации на авторот во последните години.

– Самата негова одлука од своите фотографии да го исклучи човекот токму од просторот во кој јасно интервенирала човечката рака, секако е смела. Впрочем, и Валтер Бенџамин (1892-1940) во својот познат есеј „Мала историја на фотографијата“ (A Small History of Photography, 1931) вели дека „функционирањето без луѓе за фотографијата е најневозможното од сите отфрлања“. Меѓутоа, ваквото исклучување на човекот е само на ниво на објект, на предмет на фотографијата, зашто вториот фокус на оваа изложба, сепак, е човекот, но како субјект, како восприемач на фотографијата и на она што го прикажува таа. Можеби, најважните прашања што се отвораат, и во насловот и во содржината на оваа изложба, се: „Каде се наоѓаат сеќавањата? Дали и како може да се спречи заборавот?“ – се наведува во освртот за изложбата.

Сашо Димоски (1965, Охрид) се занимава со фотографија и со компјутерска графика. Дипломирал и магистрирал фотографија на Универзитетот ЕСРА, работел во Македонската телевизија и пишувал за културните рубрики на „Утрински весник“ и на магазинот „Глобус“.

Од 2007 година бил и фотограф на археолошки истражувања, а свои фотографии и текстови објавувал и во електронското списание „Блесок“. Бил уредник на галеријата „Блесок“. Автор е на повеќе фотографски концепти и на самостојни изложби.

ИЗДВОЕНИ