Mакедонскиот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума, продолжува да ја освојува меѓународната филмска сцена со девет фестивалски селекции во октомври и ноември. По светската премиера на Филмскиот фестивал во Трибека, Њујорк, филмот го продолжи своето патување на Меѓународен филмски фестивал во Рејкјавик во Исланд, Филмскиот фестивал во Рим, Италија, Интернационалниот филмски фестивал „Мостра“ во Сао Паоло, Бразил и ТЛВ-фест во Израел.
Ноемвриската маршрута опфаќа уште пет фестивали: Севиља европски филмски фестивал во Шпанија, Брауншвајг меѓународниот филмски фестивал во Германија, Загребски филмски фестивал во Хрватска, Авторски филмски фестивал во Србија и Меѓународен филмски фестивал „Злосторство и казна“ во Турција. Особено се значајни се селекциите во главните натпреварувачки програми во Рејкјавик и Брауншвајг, италијанската премиера во Рим, како и учеството во натпреварувачките програми во Севиља и Истанбул.
Вториот долгометражен филм на Дума раскажува за единаесетгодишната Адела, која преку љубовта кон скејтбордингот, се бори против предрасудите и се обидува да ја спаси својата постара сестра од договорен малолетнички брак.
Паралелно со меѓународното фестивалско патување, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ продолжува да се прикажува во кината низ Македонија, а скопската публика ќе има можност да го погледне и на 16 и 17 ноември во Кинотека на Македонија.












