Новак Ѓоковиќ се соочува со сè погласни сомневања за тоа дали сè уште може да се бори за најголемите тениски трофеи. Српскиот ас и понатаму има огромна желба за нови успеси, но последните резултати отворија простор за жестоки дебати за неговата форма и можностите на 39-годишна возраст.
Поранешниот американски тенисер Стив Џонсон изнесе прилично сурова процена во поткастот „Ништо големо“, каде што призна дека до неодамна верувал оти Ѓоковиќ ќе се квалификува за завршниот АТП-турнир.
- Бев оптимист во текот на последните неколку недели. Кога рече дека сака да се квалификува, верував дека ќе успее. Си помислив: „Па, сепак, тоа е Новак“. Победи во Пекинг и се убедив дека стариот Новак се вратил, објасни Џонсон.
Сепак, по поразите во Шангај, Виена и Париз, Американецот целосно го променил мислењето. Според него, тие резултати се потврда дека Ѓоковиќ веќе не може да се смета за сериозен кандидат за титула на големите турнири.
- Со него е готово. Се разбира, никогаш не треба целосно да го отпишете, но почнав да верувам дека нема да го постигне она што си го зацртал, порача Џонсон.
Сепак, неговиот колега од поткастот, Џон Изнер, не се согласува со ваквата процена. Тој смета дека годините неизбежно влијаат врз физичката подготвеност, но дека Ѓоковиќ и понатаму може да биде опасен на еден конкретен турнир.
- На негова возраст не е лесно постојано да се постигнуваат одлични резултати. Телото не му дозволува постојано да игра на врвно ниво, но на еден конкретен турнир сè е можно, истакна Изнер.
Следниот голем предизвик за Ѓоковиќ е Австралија опен, турнир на кој традиционално бележи извонредни резултати. Таму српскиот тенисер ќе има можност да одговори на критиките и да покаже дека сè уште може да се вмеша во борбата за највисоките дострели.











