Македонските оперски уметници Ана и Игор Дурловски, на 6 декември, ќе одржат концерт во СЦ „Јане Сандански“, насловен „Завет – од светот до изворот“. На сцената, покрај Дурловски, ќе настапат и околу стотина македонски музичари од големиот симфониски оркестар „Ајга“, како и хор и специјални гости. Концертот ќе биде под диригентската палка на Ана Спасовска, а музичките аранжмани на нумерите се дело на Сони Петровски. Публиката ќе има можност да проследи двочасовна музичка приказна во која ќе се преплетат безвремени филмски теми, оперски ремек-дела, современи светски хитови и композиции од македонското музичко наследство. Оперската певица Ана Дурловски, на денешната прес-конференција, ги повика сите љубители на музиката, а особено младите, да дојдат на концертот кој, како што рече, ќе им ја разбуди желбата за уште, можеби, една нова љубов – кон класичната музика
Ана и Игор Дурловски, врвните македонски оперски уметници со меѓународна кариера, на 6 декември, со почеток во 20 часот, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, ќе одржат концерт под наслов „Завет – од светот до изворот“, во организација на „Пасворд продукција“. Станува збор за најголемиот, најамбициозниот концертен проект на оперскиот пар Дурловски досега во Македонија, кој ќе биде спој на светската музичка сцена со домашното културно наследство.
На сцената, покрај Дурловски, ќе настапат и околу стотина македонски музичари од големиот симфониски оркестар „Ајга“, како и хор и специјални гости. Концертот ќе биде под диригентската палка на Ана Спасовска, а музичките аранжмани на нумерите се дело на Сони Петровски.
– Навистина од срце ви се заблагодарувам за вашиот интерес и вашето присуство тука. Имате голем поздрав од Игор Дурловски, кој е моментално на ангажман во Кина, и, за жал, не можеше да дојде, како и маестра Ана Спасовска, која има концерти во САД. Ги очекуваме да дојдат во следните денови, кога со голема возбуда ќе почнеме со заедничките проби, каде што ќе го комплетираме звукот и каде што ќе ја оживееме програмата што ја замисливме за овој концерт, рече на денешната прес-конференција Ана Дурловски.
На концертот, Ана и Игор ќе се претстават со програма во која се среќаваат различни музички жанрови, епохи и уметнички изрази, а публиката ќе има можност да проследи двочасовна музичка приказна во која ќе се преплетат безвремени филмски теми, оперски ремек-дела, современи светски хитови и композиции од македонското музичко наследство.
– Публиката што следи класична музика беше дел од нашиот концерт минатата година и покажа дека многу ѝ се допадна начинот на кој Сони Петровски ги направи аранжманите за љубовните македонски песни. И оттука поттикот понатаму да ја развиваме оваа програма, која овој пат ќе биде значително поинаква, истакна Ана Дурловски.

Таа ги повика сите љубители на музиката, а особено младите, да дојдат на концертот кој, како што рече, ќе им ја разбуди желбата за уште, можеби, една нова љубов – кон класичната музика.
– Особено сакам да им се обратам на младите и на оние што веројатно слушаат друг тип музика, како и на луѓето кои се скептични во однос на класичната музика. Таа има можност да донесе многу страст, возбуда и емоции. Програмата е конципирана така што веројатно сите ќе ја препознаат таа музика, бидејќи е дел од некое нивно сеќавање, некој лик кој им значи, некоја средба што им значи, некое убаво искуство, можеби стара љубов. Силно верувам во тоа дека само квалитетна и искрена изведба може да допре до срцата на публиката, додаде Ана Дурловски.
На програмата се дела од Карл Орф, Георг Фридрих Хендл, Џакомо Пучини, Жак Офенбах, Еитор Вила-Лобос и Енио Мориконе, но и музика од „Рејдиохејд“, „Sia“ и други автори чии композиции оставиле силен белег во современата музичка култура. Публиката ќе има можност да ги слушне „O Fortuna“, „Creep“, „The Book of Love“, „Chandelier“, „Pie Jesu“, „Nessun Dorma“, „Bring Him Home“ и други препознатливи композиции, дел од нив во нови оркестарски аранжмани и интерпретации подготвени од македонскиот композитор и аранжер, Сони Петровски. Од монументалната сила на „O Fortuna“, преку драматичноста на „Creep“ и „Chandelier“, до лириката на „The Book of Love“ и „Bring Him Home“, секоја композиција на публиката ќе ѝ отвори нов музички свет. По ова патување низ различни музички жанрови, Ана и Игор се враќаат кон македонската песна – кон мелодиите што ги поврзуваат генерациите и претставуваат нераскинлив дел од нашиот културен идентитет. „Кажи Анѓо“, „Дејгиди, луди млади години“, „Излегу да се рашета“, „Стојне, бре Стојне“ и „Назад, назад Калино моме“, со што ќе ја донесат топлината и препознатливата емоција на македонската музичка традиција пред публиката.
За програмата, Ана Дурловски истакна дека иако е микс на повеќе различни жанрови, станува збор за нумери кои заеднички ги одликува чиста емоција.
– Навистина, на прв поглед, ќе се прашате како, но ќе ви кажам како уметник, музичар, тоа што е навистина заедничко кај овие жанрови е во нивната чиста емоција и начинот на којшто тие ја обработуваат. Така што се работи за едни грандиозни мелодии кои во исто време можат да бидат исклучително интимни, истакна реномираната македонска оперска певица.
Во однос на оркестарот и гостите што ќе ги придружуваат, пак, рече дека станува збор за исклучителни музичари.
– Со оркестарот „Ајга“ веќе подолго имаме време соработка. Тоа се врвни инструменталисти. Тоа што посебно ме радува кај овој оркестар е дека е составен од голем број млади уметници, за кои сметам дека треба да им се остави повеќе простор на уметничкиот подиум и треба безрезервно да се поддржуваат, додаде таа.
„Завет – од светот до изворот“ – пораката што ја носи и името на концертот, најавува музичко патување во кое светските вредности ќе се сретнат со македонските корени. (Н. И. Т.)












