Научниот труд на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени „Напредок во процената на оштетувањата од пожар кај преднапрегнати бетонски мостови: согледувања од мостот Беласица“, објавен во меѓународното списание „Инженерски конструкции“ на „Елсевиер“, најпрво беше издвоен со признанието награда за истакнат труд, а потоа го доби и највисокото признание – наградата за најдобар труд на „Инженерски конструкции“ за 2025 година.
Ова е меѓународно признание од „Елсевиер“, една од најголемите и најреномирани научно-издавачки куќи во светот. „Инженерски конструкции“ е врвно списание во областа на градежното, конструктивното, земјотресното и мостовското инженерство.
Автори на трудот се: Михаил Гаревски, Зоран Мирчевски, Марина Кордоска, Драгана Бановска и Љупцо Лазаров.
– Овие признанија претставуваат голема чест за авторскиот тим и значајна меѓународна потврда за квалитетот на инженерско-научната работа поврзана со процената на пожарните оштетувања на мостот „Беласица“ во Скопје. Трудот произлезе од реален и комплексен инженерски проблем, при што беа применети современи методи за процена на состојбата, носивоста и безбедноста на претходно напрегнат бетонски мост по пожар. Честитки за тимот на ИСОГКП. Особено нè радува што е препознаена оваа работа од уредниците на едно од најреномираните светски списанија во областа на конструктивното инженерство. Благодарност до сите коавтори и соработници што придонесоа во подготовката на трудот – вели Михаил Гаревски, директор на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени.
Ноќта меѓу 11 и 12 мај 2023 година се случи голем пожар на мостот „Беласица“, предизвикувајќи оштетување на конструкцијата и на топловодните цевки. Мостот беше затворен за сообраќај подолго време, поради санација и тестирање на стабилноста, а по една година целосно беше пуштен за сообраќај. На барање од Градот Скопје, Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени ги направи експертизата и проверката на сигурноста и оштетувањата на мостот, кои се состоеја од визуелна инспекција, недеструктивни тестови, односно земање примероци за проверка на носивоста на бетонот и на оштетената арматура, а беше направено и пробно товарење на конструкцијата.
(С. Бл.)












