петок, јуни 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Фотелјите на маса – ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ ги почнаа разговорите: Со...

Фотелјите на маса – ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ ги почнаа разговорите: Со ехото „заминете ако сте уморни“, се отвораат картите – има ли асови во ракав?

1
Дилемата околу тоа колкав обем ќе има реконструкцијата ја зголеми премиерот Мицкоски откако на партиската прослава во Струмица искажа отворено незадоволство од однесувањето на дел од функционерите од различни ешалони. Од Вреди се подготвени за ротација на ресорите, а од движењето ЗНАМ соопштуваат дека се задоволни од работата на двајцата свои министри

Петтемина највисоки партиски раководители ги предводеа партиските делегации на денешните разговори на партнерите во Владата, во рамките на најавената реконструкција на владиниот кабинет на премиерот Христијан Мицкоски. Како што неодамна најави тој, за денеска беше закажана средба на делегациите на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, а утре најголемата владејачка партија треба да има разговори со претставниците на движењето ЗНАМ.

Според сознанијата, однапред бил договорен форматот на партиските делегации. Така, тие ќе бидат составени од петтемина најважни партиски функционери: претседателот, двајцата потпретседатели, генералниот секретар и координаторот на партиската пратеничка група во Собранието. Ова е поинаков состав и формат на партиските делегации што ќе решаваат за кадровските промени отколку оној што беше во периодот кога се договараше формирањето на владиниот кабинет по парламентарните избори во 2024 година и кога партиските делегации беа помалобројни. Тоа ја отвора и дилемата за обемот на реконструкцијата, но и прашањето дали ќе се искористат средбите и за договор за идни собраниски и други активности.

Дилемата околу тоа колкав обем ќе има реконструкцијата ја зголеми премиерот Мицкоски откако на партиската прослава во Струмица искажа отворено незадоволство од однесувањето на дел од функционерите од различни ешалони.

– Јасно е дека има такви на кои фотелјата им станала подрага од контактот со народот. Добивам информации дека некои министри и директори се недостапни за народот, додека има и такви на кои приватните патувања им станале подраги од посетите на села и на градови. Не прифаќам изговори од ниту еден назначен функционер дека се уморни. Ако се уморни, фер е да си заминат – рече тогаш Мицкоски.

Од владејачката партија денеска соопштија дека во преговорите ќе се држат до пораките испратени од партискиот лидер на прославата во Струмица.

– Со оглед на тоа што се разговорите во рана фаза и станува збор за чувствителен процес што бара сериозен и одговорен пристап, во овој момент не би навлегувале во дополнителни детали. Штом бидат постигнати конкретни договори и дефинирани решенија, јавноста ќе биде навремено и целосно информирана.

Она што во моментов останува непроменета позиција и јасен принцип на претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, беа пораките што јавно ги упати тој на одбележувањето на 36-годишнината од ВМРО-ДПМНЕ во Струмица. Основен критериум во процесот на реконструкција остануваат ефикасноста, достапноста кон граѓаните, исполнувањето на програмските цели и целосната посветеност на работата во интерес на народот – изјавија во ВМРО-ДПМНЕ.

Паралелно со ова, од редовите на Вреди повеќе пати изјавија дека тие се подготвени за ротација на ресорите.
– Подготвени сме за тоа и веќе го известивме премиерот за тоа – изјави неодамна партискиот копретседател, Билал Касами.

Од ова произлегува дека оваа партија влегува во преговорите со поголема рамка отколку што е само менувањето на доскорешниот вицепремиер, Арбен Фетаи, и министерот за социјална политика, Фатмир Лимани.

Особено е интересно како ќе одат разговорите меѓу премиерот Христијан Мицкоски и движењето ЗНАМ. Ова од причина што од партијата на Максим Димитриевски досега повеќе пати соопштија дека се задоволни со работата на своите двајца министри и дека не гледаат потреба да бидат заменети тие. Според министерот за јавна администрација и кадар на ЗНАМ, Горан Минчев, кога се разговара за реконструкција, граѓаните мислат дека тоа е само првиот ешалон, односно министрите. Меѓутоа, тој вели дека тука има и голем број на втор и трет ешалон – избрани и именувани функционери што, исто така, се на тие позиции со соодветна намена да испорачаат резултат.

Во интервју за телевизија „Канал 5“, Минчев изјави дека на средбата партијата ќе побара детали за точниот опфат на најавената реконструкција.

– Прашањето не е „дали сакаш некого или не“, туку дали тој испорачува резултати. Но, исто така, мора да ги разгледаме сите опции за да ги слушнеме аргументите од кој било наш коалициски партнер – кажа Минчев. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ