Мароканскиот репрезентативец и еден од најдобрите десни бекови во светот, Ашраф Хакими, ќе биде изведен на суд по обвиненијата за силување што датираат од 2023 година. Истражниот совет на Апелациониот суд во Версај ја отфрли неговата жалба и ја потврди одлуката да продолжи случајот пред судските органи.

Според обвинението, млада жена тврди дека Хакими, по претходна комуникација преку социјалните мрежи, ја поканил во својот дом, каде што наводно ја допирал без нејзина согласност, а потоа ја силувал. Фудбалерот категорично ги негира сите обвинувања.

Неговиот правен тим смета дека во истрагата не биле доволно земени предвид контрадикторностите во исказите на подносителката на пријавата, како и наодите од психолошките експертизи. Адвокатката Фани Колен истакна дека Хакими останува уверен во својата невиност и очекува вистината да биде утврдена во судска постапка.

Во меѓувреме, Хакими се наоѓа со репрезентацијата на Мароко на Светското првенство, каде што се подготвува за следните натпревари. По последната судска одлука, тој се огласи на социјалните мрежи и порача дека со години молчел од почит кон процесот, но дека, конечно, ќе има можност јавно да ја каже својата страна од приказната.

  • Го чекав ова судење од првиот ден. Конечно ќе можам да зборувам – напиша мароканскиот фудбалер.

Хакими е член на ПСЖ од 2021 година и важи за еден од неговите клучни играчи. Во текот на кариерата настапуваше и за Реал Мадрид, Борусија Дортмунд и за Интер и со своите настапи се етаблираше меѓу најдобрите фудбалери на својата позиција.

 

ИЗДВОЕНИ