Во случај на напредна клиничка слика, со соодветно дозирање на кинезитерапијата (медицинските вежби), можно е задржување на одредени функции и подобрување на клиничката слика. Физиотерапевтот ја приспособува програмата со вежби за секој пациент индивидуално, бидејќи сите вежби немаат ист ефект кај секој пациент. На почетокот од процесот на рехабилитација, програмата со вежби треба да биде фокусирана кон специфичните проблеми како што се одењето, балансирањето, промената на положбата на телото и намалувањето на ограничувањето при мобилизација на пациентот
Мултипла склероза (МС) е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, инфламаторна и дегенеративна болест на централниот нервен систем. Настанува кога имунолошкиот систем ги напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ‘рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи инфламација и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата. Се смета за хомогена болест, но нејзиниот тек и нејзините симптоми варираат, вклучувајќи мускулна слабост, замор, тешкотии со видот и со текот на времето води до траен инвалидитет. Кај повеќето лица со МС, првите симптоми се јавуваат помеѓу 20 и 40-годишна возраст, правејќи ја оваа болест водечка причина за нетрауматски инвалидитет кај младите возрасни лица. Физичкиот, емоционалниот и економскиот товар што го трпат лицата со МС има значајно влијание врз нивниот квалитет на живот. Во светот, повеќе од 2,3 милиони лица живеат со МС. Во Македонија се регистрирани над 1.500 пациенти и секоја година се дијагностицираат околу 90-120 нови случаи.
Симптоми на МС
Кај пациентите со мултипла склероза, присутни се повеќе различни симптоми што може да влијаат на скоро секој дел од телото.
Видови мултипла склероза
Врз основа на клиничките критериуми, фреквенцијата на релапсите, времето за кое следува прогресија на болеста и на мозочните лезии, постојат неколку основни вида мултипла склероза.
Релапсната ремитентна мултипла склероза (РРМС) е најчеста форма на болеста и се карактеризира со епизоди на нови или на влошувачки знаци и симптоми (релапси), следени со периоди на закрепнување. Околу 85 % од лицата со МС се иницијално дијагностицирани со релапсна-ремитентна МС. Најголемиот дел од лицата дијагностицирани со РРМС преминуваат кон секундарно прогресивна МС (СПМС), при што имаат постојано влошување на инвалидноста со текот на времето.
Примарната прогресивна мултипла склероза (ППМС) се среќава кај околу 15 % од лицата со МС и се карактеризира со линеарен прогресивен тек уште од почетокот на болеста, типично без појава на релапси или на периоди на ремисија.
Невролошкото оштетување при МС е континуиран процес. Лицата со сите форми на МС имаат активна болест – воспаление на нервниот систем и перманентна загуба на нервни клетки во мозокот, дури и кога клиничките симптоми не се очигледни или не се влошуваат.
Основна цел на фармацевтската терапија кај овие пациенти е да се намали активноста на болеста колку е можно порано, со цел да се забави прогресијата на инвалидитетот. Засега не постои лек за МС, оние што се употребуваат имаат цел да ја модифицираат болеста со цел превенција на релапсите, превенција на акумулацијата на инвалидност, намалување на симптомите и оптимизација на квалитетот на живот.
И покрај евидентниот напредок во откривањето лекови за МС, сè уште постојат незадоволени медицински потреби: високо ефикасни лекови што ќе влијаат на болеста и превенција на прогресијата/инвалидноста; безбедни и високо ефикасни лекови што би го подобриле бенефит – ризик балансот и покомфорен начин на третманот, со цел подобрување на комплијансата и останување на третман.
Во комбинација со фармаколошкиот третман, задолжително треба да се спроведе и третман со медицинска рехабилитација и физиотерапија. Ова е еден од основните, но и континуирани третмани што може да се применуваат уште во самиот почеток на болеста, кога е штотуку дијагностицирана, дури и кога нема појава на симптоми. Ваквиот пристап може да биде од превентивен карактер, но и за долгорочно одржување на најважните моторни обрасци кај пациентите со релапсно-реминтентен облик на болеста.
Зачувувањето на шемата за самостојно движење и вежбањето правилни движечки шеми може да превенираат настанување коскено-зглобна болна состојба, а воедно и да ја одржат автономноста на пациентот во неговата мобилност. Во случај на напредна клиничка слика, со соодветно дозирање на кинезитерапијата (медицинските вежби), можно е задржување на одредени функции и подобрување на клиничката слика.
Во процесот на третирање на пациентите со физиотерапија, мора да се внимава на неколку правила, а тоа се соодветно започнување со вежбите, со правилно загревање на мускулите и прекинување на третманот пред границата на исцрпеност. Вежбите треба да се изведуваат во соодветни простори каде што ќе се избегнат лизгав под и лошо осветлување, но да се внимава да има простор за одмор. На почетокот, процесот треба да го води физиотерапевт додека пациентот да ја совлада вистинската рутина на вежбање. Физиотерапевтот ја приспособува програмата со вежби за секој пациент индивидуално, бидејќи сите вежби немаат ист ефект кај секој пациент. На почетокот од процесот на рехабилитација, програмата со вежби треба да биде фокусирана кон специфичните проблеми како што се одењето, балансирањето, промена на положбата на телото и намалувањето на ограничувањето при мобилизација на пациентот.
Вежби за спречување на појавата на спуштено стапало
Истегнувањето на мускулите на потколеницата во комбинација со вежбите за зајакнување на мускулите, кои го одржуваат стапалото во дорзална флексија, може да помогне во спречувањето на појавата на спуштено стапало .На почеток, вежбите може да бидат со нормален број повторувања на движењата, кои се во нормалниот обем на движење на зглобот, а подоцна може да се комбинираат со вежби со отпор со еластични ленти или мануелен отпор. За истата цел, може да се спроведат и вежби со одење на петица и на прсти.
Превенција од пад
За жал, паѓањето кај овие пациенти е доста честа појава и причина за дијагностицирање на болеста. Причините за пад може да бидат доста комплексни и да бидат предизвикани од слабост, вкочанетост, лоша координација, невнимателност и од ослабен вид.
Дефицит на баланс
Сериозноста на овој проблем може да го диктира методот на вежбање, односно нивото од кое ќе се почне. Физиотерапевтот треба да спроведе евалуација на пациентот и да утврди што е причина за овој дефицит и кои вежби може да бидат од корист кај оваа состојба на пациентот.
Потребно е физиотерапевтот да утврди дали може пациентот да заземе стоечки став кога се поставени нозете во ширина на рамената. Доколку пациентот може да го направи тоа, тогаш нозете може да се постават и поблизу една до друга. Понатаму, балансот се тестира кога се бара од пациентот да исчекори напред со една нога и да ја постави пред другата нога.
Доколку пациентот има тешкотии да ги изведе кои било од овие задачи, тоа значи дека тие ќе бидат почетно ниво за вежбање за функционален тренинг. Понатаму вежбите што може да се применат за третманот на проблемите со балансот на телото се едноставни вежби, со затворени очи или вежби на различни површини, на пример, на тепих, на плочки или на други нестабилни површини, под надзор на физиотерапевт.
(Авторот е специјалист по здравствен фитнес. ФИЗИОТЕРАПЕВТ – ЗДРАВЈЕ Гостивар и Битола)












