Договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет. Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга, со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година. Паркинзите ќе бидат, пред се, наменети за пациентите и за вработените во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски и министерот за здравство Азир Алиу, го потпишаа договорот за закуп со што започнува реализацијата на проектот кој ќе биде решение за еден од најголемите секојдневни проблеми со кои се соочуваат скопјани, но и граѓаните од цела Македонија – хаосот со паркирањето во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет. Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга, со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година. Паркинзите ќе бидат, пред се, наменети за пациентите и за вработените во Клиничкиот центар.
Како што најавија Алиу и Ѓорѓиевски, ако има потреба, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг, а доколку се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни резиденти, ќе се овозможи и таква опција.
– Со изградбата на две нови катни гаражи, за почеток, со капацитет од околу 500 паркинг места и инвестиција вредна три милиони евра, конечно ќе ставиме крај на долгогодишната голгота со која секојдневно се соочуваат пациентите, нивните семејства, но и здравствените работници. Истовремено, ова решение ќе биде значајна поддршка и за студентите по медицина – нашите идни доктори, кои секојдневно се дел од клиничкиот комплекс и ја градат својата професионална иднина токму тука. Ова е трајно решение што ќе значи достоинствен пристап до здравствените установи, помалку нервози и изгубено време за луѓето кои доаѓаат тука во најтешките моменти од својот живот – истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека со изградбата на овие катни гаражи, Клиничкиот центар конечно ќе добие подобра организација на сообраќајот, слободен и непречен пристап за итната медицинска помош и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот.
Ѓорѓиевски наведе дека е особено важно што Градот Скопје ќе ги проектира, ќе ги изведува и ќе управува со овие гаражи.
– Тоа значи дека граѓаните нема да бидат изложени на дополнителни поскапувања на цените за паркинг, какви што се случуваат кога вакви капацитети се оставаат во рацете на приватни компании. Ова го реализираме во интерес на граѓаните, а не во интерес на профитот –дециден е Ѓорѓиевски
Тој најави дека дополнително, со реализацијата на овој проект започнува и имплементацијата на една од најважните точки од неговата програма, а тоа е дигиталното зонско паркирање.
– За првпат во Скопје ќе воведеме интегрирана мобилна апликација преку која граѓаните ќе имаат реален онлајн увид во слободните паркинг места, со прецизна локација на секое слободно место. Тоа ќе значи поголема ефикасност, помал метеж и многу помалку изгубено време во барање паркинг – објасни Ѓорѓиевски.
При тоа наведе дека веднаш по ребалансот на Буџетот, кој ќе се случи в четврток на седницата на Советот на Град Скопје, ќе биде распишана тендерската постапка, а веднаш по завршувањето на законските процедури ќе започнат и работите на терен.
– Целта е брзо, ефикасно и одговорно да го реализираме овој проект кој ќе донесе вистинско олеснување за илјадници луѓе секој ден. Овој важен инфраструктурен зафат го реализираме во координација и со целосна поддршка од Владата – заклучи Ѓорѓиевски.
(А.П.)












