Кога молкот ќе стане крик, кога зборовите остануваат неизговорени и кога ќе сфатиме дека ништо повеќе нема да биде исто, тогаш едноставно сфаќаме дека е крај – на еден свет, личен, семеен…
Токму претставата „Ова е само крајот на светот“ во режија на Теа Беговска, а според истоимената психолошка драма напишана во 1995 година од францускиот автор Жан-Лик Лагарс, е огледало на едно семејство, не посебно, туку семејство како и повеќето други, во кое е најтешко да се изговори вистината, да се кажат вистинските зборови, да се биде искрен, да се сослуша другиот, да се пронајде изгубената блискост… И тоа токму таму, меѓу луѓето кои треба да ни се најблиски – мајка, сестра, брат… Токму таму емоциите се и најјаки, најгласни, исто како и обвинувањата, очекувањата, љубовта и омразата.
-По дванаесет години, Луис се враќа дома, со намера да соопшти страшна вест, дека умира. Причина која што не се кажува лесно, веста која никој не ја слуша, бидејќи не е кажана… Во семејството сите се подготвени за разговор, но секој заробен во сопствениот начин на љубов, грижа и одбрана од болка. И во тој момент кога сите сакаат да кажат нешто, да ја искажат љубовта, грижата, очекувањата, на површина излегуваат сите скриени, потиснати со години емоции.
Гледајќи ја претставата која никого нема да остави рамнодушен, напротив, ни се наметнува прашањето зошто токму меѓу најблиските ништо не е лесно, зошто вистината се одложува, зошто не можеме да ги пронајдеме вистинските зборови…
Стефан Вујисиќ како Луис- синот и брат кој сите во семејството го дочекаа со измешани емоции, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска како мајката Мартина, Александар Степанулески како братот Антонио, Сара Климоска како сестрата Сузана и Ања Митиќ како снаата Катарина, ни ја пренесоа семејната средба која трае само еден ден – а остава траги за цел живот.
И како што вели и самата режисерка, се смееме таму каде што е непријатно, препознаваме ситуации што сите сме ги живееле и чувствуваме колку е тешко – и неопходно – да се биде искрен со оние што ни се најблиски. Нешто што треба сите да нè натера длабоко во себе да го пронајдеме одговорот.
Присуствувавме на одлична актерска игра која беше наградена со долг аплауз од публиката. По премиерата на 7 март, следната изведба на претставата е на 12 март. (Д.Т.)












