Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, од Босилово упати остри критики кон Владата и ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека државата се движи во погрешна насока, особено во секторот земјоделство.

На средба со земјоделци од струмичкиот регион, Филипче порача дека е лицемерно владејачката партија да зборува за напредок со слоганот „Македонија забрзува“, кога, според него, реалноста покажува сосема поинаква слика.

  • Македонија со нив забрзува единствено кон пропаст, изјави лидерот на СДСМ, обвинувајќи ја власта дека го довела земјоделството во тешка состојба.

Според Филипче, земјоделците се соочуваат со доцнење на субвенциите, високи производствени трошоци и ниски откупни цени, поради што сè повеќе луѓе се откажуваат од земјоделската дејност.

Тој нагласи дека наместо поддршка за секторот кој може да биде двигател на економијата и извозот на храна, државата дозволува земјоделството да стагнира.

  • Луѓето кои ја хранат државата не можат да преживеат. Никој не води грижа за нивните проблеми и затоа целиот сектор полека изумира, порача Филипче пред присутните земјоделци.

ИЗДВОЕНИ